fbpx

Повеќе заедничка одбрана за повеќе стратешка автономија на ЕУ

Европскиот совет за повеќе инвестиции во одбраната

-

Европскиот совет (29-30 јуни 2023 година) очекувано започна со поддршката на Украина, изразена како во повторената воена и политичка поддршка, така и во сѐ појасните сигнали за натамошниот пат кон членство во ЕУ.

Оттаму, веројатно не е изненадување што втората усогласена точка на овој Европски самит беше одбраната и безбедноста.

Концептот на стратешка автономија на ЕУ, силно промовиран со минатогодишната Версајска декларација на шефовите на држави/влади на државите членки на ЕУ значително се потпира на јакнење на европските одбранбени способности. Тогаш се постави основната цел  – да се зајакне технолошката и индустриската база на европскиот одбранбен сектор, кој треба да се направи поиновативен, конкурентен и поотпорен. Факт е дека јакнењето на европската одбрана било поставено како цел уште многу порано, но војната во Украина го подигна прашањето на сосема друго ниво.

Набргу по Версајската декларација, европските институции ги идентификуваа клучните јазови – предизвици во инвестициите во одбраната во три области: трошоци за одбраната, индустриски предизвици и предизвици во способностите.

Мнозинството од членките на ЕУ кои се и членки на НАТО (21) не ја исполниле обврската како членки на НАТО да одвојат 2% од нивниот БДП за одбраната. Намалувањето на трошоците за одбрана беше главно резултат на финансиската криза, а трендот почна да се менува по 2014 година и руската анексија на Крим. За разлика од европските држави, САД, Русија и Кина значително ги зголемија трошоците за одбрана. Она што уште повеќе ги загрижува експертите е што 60% од европските буџети за набавки во одбраната се трошел на воен увоз од трети земји.

Индустрискиот јаз во најголема мера се должи на фрагментираноста на европската воена индустрија. Пазарот е структуиран главно по национални линии, а инвестициите се ниски, така што поголем број национални компании функционираат на мали пазари. Ако кон ова се додаде и зависноста од суштествени суровини и полупроводници од трети земји – главно Кина, тогаш сликата станува уште покритична.

Како ургентни потреби во доменот на способностите се идентификувани: пополнувањето на резервите, замена на системите од советско време и јакнење на системите за воздушна и ракетна одбрана. Подолгорочните цели се подетално формулирани за различните области на одбраната: воздушна, копнена, поморска, вселенска и сајбер.

Експертите особено ја нагласуваат улогата на државите членки во областа на одбраната. Голем предизвик е самиот процес на донесување одлуки кој се одвива на национално ниво, како и преминот од национални кон мултинационални програми. За одбраната од клучна важност е планирањето, а потоа и буџетирањето, но актуелни се и прашања како различните комуникациски и ИТ системи.

Комисијата презеде неколку иницијативи како одговор на итните предизвици. Предложи да се овозможи Европската инвестициона банка да може да финансира проекти во одбраната. Во процедура е предлог регулатива за зајакнување на европската одбранбената индустрија преку заеднички акт за набавки, како краткорочен инструмент, за кој веќе е постигната согласност. Таа треба да даде правна основа за Европска програма за инвестиции во одбраната. Комисијата веќе значително доцни со овој предлог кој беше најавуван до крајот на минатата година. Покрај ова, шефовите на држави и влади повикаа што побрзо да се усвои предложениот Акт за поддршка на производството на муниција.

За сето ова треба пари. Европскиот совет повторно ги зголеми финансиските средства на Европскиот инструмент за мир. Тој иницијално за периодот 2021-2027 година изнесуваше 5,5 милијарди евра, но по минатогодишното и вчерашното зголемување од 3,5 милијарди евра достигна 12 милијарди евра. Тие примарно ќе бидат наменети за воена поддршка на Украина. Во оптек е предлогот за зголемување на Фондот за инвестиции во одбраната за 1,5 милијарди евра со среднорочната ревизија на седмогодишниот буџет на Унијата.

Она на што сериозно предупредуваат експертите е не само потребата од дополнителни средства, туку – како ќе се трошат дополнителните пари. Одговорот на тоа лежи не само во идната програма за инвестиции во одбраната, туку и во реалната посветеност на државите членки да ја надминат постојната фрагментираност.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Палестинските новинари се добитници на наградата на УНЕСКО за слобода на медиумите

Палестинските новинари беа добитници на наградата за слобода на печатот која ја доделува УНЕСКО за 2024 година по одлука на меѓународното жири составено од медиумски професионалци. Доделувањето на наградата се...