Полските одбранбени сили денеска соопштија дека непознат објект влегол во воздушниот простор на оваа земја во петокот наутро од Украина, а потоа исчезнал од радарите. Сите индикации на полските власти укажуваат дека станува збор за руска ракета, пишува весникот Гардијан.
Полските власти не можат да објаснат каде исчезнал објектот од радарот или во која насока се движел. Мобилизирани се војници за да го идентификуваат и пронајдат на полска територија. Засега нема информации за каква било експлозија или жртви.
Началникот за полската војска, генералот Вислав Кукула изјави дека сите информации укажуваат оти руска ракета упаднала во воздушниот простор на Полска. Објектот навлегол на територијата на Полска во длабочина од околу 40 километри во нејзиниот воздушен простор и го напуштил истиот за помалку од три минути.
Русија засега не ги коментира официјалните податоци кои ги објавија полските власти. Границата на Полска со Украина е исто така и граница на ЕУ и на НАТО со Украина.
Премиерот Доналд Туск свика состанок со министерот за одбрана, воените команданти и шефовите на телата за национална безбедност, а потоа имаше и состанок на Бирото за национална безбедност. Туск бил во контакт и со претседателот Анджеј Дуда, врховен командант на вооружените сили на Полска.
Засега не е јасно дали предметот што Полска го пријави е поврзан со најголемиот ракетен напад што Русија го изврши ноќва врз Украина од почетокот на воената агресија во февруари 2022 година.
Ова не е првпат објект без дадена дозвола да навлезе во воздушниот простор на Полска од правец на Украина, по воената инвазија на Русија. Во ноември 2022 година, двајца мажи беа убиени кога проектил го погоди полското село Пржеводов, неколку километри од границата со Украина. Западните власти рекоа дека веруваат оти украинската ракета за противвоздушна одбрана залутала во Полска.
Инаку, во најголемиот ракетен напад врз Украина што беше извршен ноќва загинаа 18 цивили, додека 132 лица се повредени. Како што информираа украинските власти, Русија истрелала 158 различни објекти врз Украина, од кои украинската противвоздушна одбрана успеала да собори 27 дронови и 87 ракети, пишува Гардијан.
Жртви од рускиот агресорски напад се регистрирани во градовите Днипро, Кијив, Запорижја, Одеса, Харкив, Лвив и Конотоп. Погодени се станбени згради, индустриски објекти, транспортни депоа, критична инфраструктура, болници, образовни објекти, куќи и други зданија.