Опозициската лидерка Мариника Тепиќ 12-ти ден штрајкува со глад

Денеска се очекуваат новите анализи на крвта што се направени, по што ќе се знае актуелната загрозеност на животот на Мариника Тепиќ, но таа повеќе пати досега изјави дека нема да го прекине штрајкот до повторување на изборите во Србија

Опозициската лидерка Мариника Тепиќ; Извор на фотографија: Партија на слободата и правдата

Носителката на парламентарната листа на опозициската коалиција „Србија против насилството“, Мариника Тепиќ веќе 12 дена штрајкува со глад поради изборните измами што се случија за време на изборите одржани на 17 декември во Србија. Тепиќ сè потешко се движи, а ѝ пукаат и вените поради неопходноста постојано да прима инфузија, пишува весникот Данас.

Денеска се очекуваат новите анализи на крвта што ѝ се направени, по што ќе се знае актуелната загрозеност на животот на Мариника Тепиќ. Сепак, таа повеќе пати досега изјави дека нема да го прекине штрајкот до повторување на изборите во Србија.

Нејзината колешка, пратеничката Јелена Милошевиќ стапи во штрајк пред девет дена и за весникот Данас изјави дека не се знае дали ќе одат двете на болничко лекување поради штрајкот со глад и дека е рано за тоа да се говори.

Двете опозициски парламентарки порачаа дека ќе се потрудат да излезат на вечерашниот протест пред демонстрантите, бидејќи нивната поддршка им значи во штрајкот со глад.

Штрајкот со глад го прекинаа нивните сопартијци Јанко Веселиновиќ и Даниела Грујиќ, кои се наоѓаа во болница поради тешката здравствена состојба и ги послушаа советите на медицинскиот кадар да го прекинат штрајкот.

И покрај упорноста на српската опозиција, Републичката изборна комисија го отфрли приговорот на коалицијата „Србија против насилството“ за поништување на изборите, додавајќи дека изборната листа на оваа коалиција за изборите во Белград не е овластена да поднесе барање до Републичката изборна комисија, пишува весникот Данас.

Во меѓувреме, во центарот на Белград продолжуваат протестите на студентите и младите од движењето „Борба“. Тие од 12 часот на пладне ја блокираат раскрсницата помеѓу улиците Кнез Милош и Бирчанинова. Тие бараат од Министерството за државна управа и локална самоуправа да ги отвори избирачките списоци од изборите кои се одржаа на 17 декември.

Голем протест против изборната измама во Србија ќе се одржи утре во Белград, а од српската опозиција и од граѓанскиот сектор најавија континуирани протести и за време на претстојните празници.