fbpx

Блупринт групата повикува на внимателност во постапката за одговорност на претседателката на Врховниот суд

Укажуваме до Судскиот совет дека треба доследно да се следат основите наведени во барањето за утврдување на одговорност на претседателката на Врховниот суд, а да се воздржи од вметнување дополнителни наводи кои не се наведени во барањето, велат од Блупринт групата

-

Блупринт групата за реформи во правосудството повикува на внимателно постапување од страна на Судскиот совет на РСМ и доследно почитување на Уставот, конвенциите, законите и востановените добри практики при водење на постапката за дисциплинска одговорност на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.

„Загрижува постапувањето на Советот за поведување постапка за утврдување одговорност на претседателката на Врховниот суд каде како основ за утврдување на одговорност во оваа постапка е наведено неприсуството на претседателот на Врховниот суд на седниците на Судскиот совет, како и недоаѓање на состанок откако од нејзина страна беа изнесени наводи за притисоци врз Врховниот суд“, велат од Блупринт групата во која членуваат Македонско здружение на млади правници (МЗМП), Институт за европска политика, Институтот за човекови права (ИЧП), Коалиција „Сите за правично судење“, Хелсиншки комитет за човекови права и Центар за правни истражувања и анализи.

Оттаму велат дека загрижуваат денешните наоди изнесени на седницата согласно кои претседателката не го почитува Законот за судски совет, а истата не била повикувана на седниците во законски определениот рок од седум дена токму во временски период за кој се повикува на одговорност за недоаѓање на седниците.

Од Адеми беше побарано и да приложи дополнителна документација со која ќе го оправда своето отсуство.

„Укажуваме до Судскиот совет дека треба доследно да се следат основите наведени во барањето за утврдување на одговорност на претседателката на Врховниот суд, а да се воздржи од вметнување дополнителни наводи кои не се наведени во барањето. Имено, согласно уставната поставеност на Судскиот совет, претседателот на Врховниот суд и министерот за правда се членови по функција без право на глас поради што и нивното присуство не е од суштинско значење за работата на седниците на Судскиот совет, во смисла на донесување на одлуки“, се вели во соопштението од Блупринт групата.

Дополнително, тврдат невладините организации, улогата на претседателката на Врховниот суд на РСМ е посуштинска и позначајна во рамките на организација на работата на Врховниот суд и останатите судови во државата.

Загрижувачки за Блупринт групата е и тоа што расправата на комисијата се одржала токму денеска, на последниот работен ден од годината, непосредно пред новогодишните и божиќните празници.

„Ваквото постапување предизвикува потенцијален ризик од намалено вниманието на домашната јавност и меѓународните претставници за следење на седницата која е од исклучително значење за понатамошните состојби во правосудниот сектор, имајќи предвид дека станува збор за постапка која се води против претседател на највисокиот суд во државата“, велат од Блупринт групата.

Ваквата состојба е уште позагрижувачка доколку се земе предвид целокупниот контекст во кој се случува ваквата постапка. Во извештајот на Европската комисија за 2023 година, во делот за правосудството, јасно стоеше дека „постои сериозна загриженост за несоодветно надворешно влијание на работата на Судскиот совет и судството“.

Оттаму, Блупринт групата упатува апел за исклучително внимателно, транспарентно и доследно постапување на Судскиот совет во оваа постапка, чие спроведување мора да биде засновано исклучиво на прифатените процесни и материјални одредби за добро владеење и независност на судството како и да се има предвид праксата на Европскиот суд за човековите права која беше презентирана на самата седница.

Случајот со Беса Адеми веќе подолг период ја бранува јавноста, со оглед на тоа што станува збор за преседан и случај кој дополнително ги отвори прашањата за и онака расклатениот интегритет на Судскиот совет.

Иницијативата за разрешување на претседателката на Врховниот суд ја покрена членот на Судскиот совет, Миљазим Мустафа, а по нејзиното интервју за порталот Сдк.мк. Во интервјуто, Адеми отворено говореше за политички притисоци врз институцијата на која таа е прв човек со цел оживување на „амнестијата“ на претседателот Ѓорѓе Иванов и политичките математики за спас на експремиерот во бегство, Никола Груевски. Таа посочи и дека судот со којшто раководи се соочува со политички притисоци и закани од разрешување на врховни судии.

Другиот „аргумент“ на кој се засноваше иницијативата за разрешување на Адеми беше отсуството на Адеми од седници на Судскиот совет. Инаку, претседателката на Врховниот суд, како и министерот за правда се единствените двајца кои по функција членуваат во Судскиот совет и немаат право на глас при одлучувањето.

Денешната презентација на аргументите и доказите на Судскиот совет и на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, траеја три часа.

Одлука за понатамошната кариера на Адеми не беше донесена, туку во рок од три дена треба да се подготви извештај, кој ќе биде доставен до сите членови на советот, а потоа ќе биде одлучено дали ќе биде побарана одговорност или пак ќе биде запрена постапката.

Од исходот на постапката за моја одговорност ќе зависи иднината на судството, порача претседателката на Врховниот суд

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...