Поради штрајк на полицијата на бриселскиот аеродром „Завентем“, вечерва истиот најверојатно нема да биде делумно отворен, како што беше планирано.
Аеродромот е затворен по двојниот самоубиствен напад на 22 март, при што загинаа 32 лица.
Од полицискиот синдикат за „Би-Би-Си“ изјавиле дека, безбедносните мерки воведени поради негово повторно отворање, не се доволни.
Претседателот на најголемиот полициски синдикат во Белгија, Винсен Жил изјавил дека полицајците почнале да штрајкуваат поради она што се случило на 22 март и дека не можат да продолжат да работат, правејќи се како тој ден никогаш да не се случил.
– Полицијата смета дека безбедносните мерки кои ги воведе аеродромот не се доволни за оние кои работат и го користат аеродромот – предупреди Жил и апелираше за подобра контрола на терминалите, вклучувајќи ги детекторите за метал, скенирање на патниците и ренгенско снимање на багажникот.
Белгискиот премиер Шарл Мишел и министрите денеска ќе разговараат за времето на отворање на белгискиот аеродром по терористичките напади минатата недела.