Политичарите се караат, изградбата на автопатот Скопје – Блаце доцни

-

Власта и опозиција на вчерашната собраниска седница се испокараа околу проектот за изградба на автопатот Скопје – Блаце. Пратеникот на ВМРО – ДПМНЕ Илија Димовски изјави дека власта нема ниту еден камен поместено за изградба на оваа автопатска делница.

– Едно од изборните ветувања и дел програма на оваа влада беше изградбата на автопатот Скопје – Блаце и да потсетам дека претходната влада веќе ви остави основен проект и физибилити студија- порача пратеникот Илија Димовски.

Заменик – министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, во репликата упатена кон пратеникот Димовски, изјави дека оваа влада обезбедила средства од фондовите на ЕУ за изградба на автопатот Скопје – Блаце. На 9 мај беше соопштено дека Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ќе го финансира со 27 милиони евра овој проект, кои ќе се обезбедат до крајот на 2019 година.

Од Јавното претпријатие за државни патишта за „Мета“ велат дека основен проект бил изработен во 2002 година, но и дека оваа документација е застарена поради фактот што трасата минува низ индустриската зона во Визбегово. Во 2016 година биле завршени идејниот проект и физибилити студијата за 3 километри од автопатот во делот на идните клучки Блаце и Стенковец, додека на новиот основен проект за целата траса се работи од октомври 2018 година.

– Првата подделница е од ГП „Блаце“ до клучка Блаце во должина од 2 километри, за која се очекува тендерот за градежни работи да се објави за околу еден месец. Времето на завршување на градежните работи ќе изнесува 18 месеци, во тек е тендерската постапка за надзор за изградбата – информираат од ЈП за државни патишта.

Втората подделница од клучката Блаце до Скопје е во фаза на изработка на инфраструктурен и на основен проект, а проектирањето ќе заврши до март 2020 година. Градежните работи ќе почнат во втората половина од 2020 година, при што новиот автопат ќе биде отворен до крајот на 2023 година.

Претходната влада на ВМРО – ДПМНЕ пред 5 години вети дека автопатот Скопје – Блаце ќе го изгради до 2018 година по пат на јавно – приватно партнерство, но ваквиот модел се покажа како неисплатлив за приватните инвеститори. Како резултат на тоа, сегашната влада се одлучи автопатот кон Косово да го гради со државни средства и со позајмување од странство. За разлика од доцнењата кај нас, Косово на 29 мај ќе го пушти во употреба својот дел од трасата на автопатот меѓу Скопје и Приштина.

Заради врнежите, водоводот во Тетово со намален притисок, а во Гостивар водата не е за пиење

Центарот за Управување со кризи информира дека во Тетово има намалено количество вода во водоводот, а во Гостивар водата воопшто не е за пиење. Јавното комунално претпријатие „Шар“ од...