Два борбени авиони на грчкото воздушно воздухопловство утрово направиле два успешни прелети на височина поголема од 1,5 километри во воздушниот простор на земјава, објаснуваат од Генералштабот на АРМ за „Мета“.

Инаку, оваа патрола била претходно договорена со Грција, со прецизирани време, место на влез и излез, маршрута и височина. Информацијата дека ќе се случуваат била испратена до државната агенција МИА во исто време со првиот прелет.

Целта на летовите на двата авиони – водач и придружник – биле да се тестираат радарската покриеност и комуникациите.

Конечниот аранжман за заштита на македонското небо допрва ќе биде договорен. При посетата на премиерот Алексис Ципрас на Скопје, Грција најави дека бесплатно ќе патролира по македонското небо.

Воздушните патроли на авиони на една земја-членка на небото на друга членка се вообичаени со концептот „паметна одбрана“ на НАТО, кој предвидува заедничко користење на расположивите ресурси.

Денес во регионот, грчки и италијански борбени авиони патролираат над Албанија и Црна Гора.