fbpx

Почнува 30-тиот Министерски совет на ОБСЕ во Скопје

Во Скопје се очекува да присуствуваат околу 1.000 учесници, вклучувајќи ги американскиот државен секретар Ентони Блинкен, шефот на европската дипломатија Жозеп Борел и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров

-

Од денеска до петок во Скопје ќе се одржи 30-тиот Министерски совет на ОБСЕ, на кој ќе учествуваат делегации од 57-те земји-членки на Организацијата за безбедност и соработка во Европа. Во Скопје се очекува да присуствуваат околу 1.000 учесници, вклучувајќи ги американскиот државен секретар Ентони Блинкен, шефот на европската дипломатија Жозеп Борел и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

Министрите за надворешни работи и членовите на нивните делегации денеска вечер се очекува да имаат неформална вечера, но не се знае кој сè ќе присуствува на вечерата. Во текот на денешниот ден, во Министерството за надворешни работи ќе се одржи Паралелната конференција за граѓанско општество на ОБСЕ, на која се најавени видни гости од граѓанскиот сектор од земјава и од странство.

Во хотелот „Александар Палас“ е поставена изложба на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) по повод 30-тиот Министерски совет на ОБСЕ. Изложбата е организирана на покана на Министерството за култура, а се селектирани и прикажани повеќе дела од уметници кои во изминатите пет години биле дел од проектот Фемина на кураторот Јана Манева-Чупоска.

Главниот дел од Министерскиот совет на ОБСЕ се очекува да започне утре, за кога е закажана и пленарната сесија на Министерскиот совет. Во рамките на Организацијата, треба да се договорат многу отворени прашања, вклучувајќи го и предлогот Малта да биде идниот претседавач со Организацијата во 2024 година, усвојувањето на буџетот на Организацијата и функционирањето на 12-те странски мисии на ОБСЕ. За ваквите отворени прашања неопходен е консензус од сите земји-членки на ОБСЕ, а досегашните блокади во рамките на Организацијата ги вршеше токму Русија.

Во рамки на утрешниот ден, планирано е да се потпише Заедничка изјава за борба против корупцијата во Југоисточна Европа, а на посебен настан ќе се посвети внимание на влијанието на климатските промени врв човековата безбедност во рамките на ОБСЕ.

За петок, 1 декември е најавена финалната прес-конференција на досегашниот претседавач на ОБСЕ Бујар Османи, идниот претседавач со ОБСЕ за 2024 година и Генералниот секретар на ОБСЕ Хелга Марија Шмид.

Во петок ќе се одржат и посебни настани посветени на младите и граѓанското општество, како и за влијанието на теренските мисии на ОБСЕ во текот на 2024 година.

Инаку, Министерскиот самит на ОБСЕ во Скопје е најголемиот политичко-дипломатски настан што се одржал на наша територија во историјата на Македонија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Електрификацијата на пругата кон Косово падна во заборав

Долгонајавуваната електрификација на пругата кон Косово не се случи ниту во овој мандат на Владата предводена од социјалдемократите. Веќе три години не сообраќа ниту патничкиот воз Скопје – Приштина...