Ако се покажат за точни шпекулациите дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, повторно е заинтересиран за премиерската фотелја, состојбата во Македонија ќе се врати во периодот од пред Договорот од Пржино. Единствен белег од тој период ќе остане Специјалното јавно обвинителство (СЈО), кое се уште е на стаклени нозе додека не се разгледа иницијативата за неговата уставност, поднесена до Уставниот суд на Република Македонија.

Денеска, пак, до Собранието пристигна иницијатива за промена на еден член во Законот за помилување со кој би му се отворила можноста на претседателот на државата да си го повлече зборот, а со тоа и дадената аболиција. Тоа би било уште еден чекор кон смирување на состојбата, на која инсистира целата меѓународна заедница.

Како и да е се уште премиер на Македонија, е Емил Димитриев, кој дојде на оваа функција како техничко лице задолжено за спроведување на изборите. Затоа и неговата улога засега е нејасна, ако се има во предвид дека датум за избори не е закажан, туку во Изборниот законик само е избришан терминот 5 јуни.

Инаку, вчера, претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, на почетокот на првата седница откако Уставниот суд ги стави во мирување сите претходно досени одлуки, ги констатираше оставките на министрите за внатрешни работи и труд и социјална политика Оливер Спасовски и Фросина Ременски, како и на дополнителните заменици – министри од редовите на СДСМ. Веднаш потоа беа избрани „нови“ министри – Митко Чавков за министер за внатрешни работи и Диме Спасов за министер за труд и социјална политика.

На седницата беа констрантирани оставките на Љупчо Николовски, дополнителен заменик министер за земјоделство, Александар Кирацовски, дополнителен заменик министер за информатичко опшетство и администрација и Кире Наумов, заменик-министерот за финансии.

Според координаторот на пратеничката гупа на СДСМ, Горан Сугаревски, со ваквата одлука „аболицираните криминалци повторно формираат влада“.

– ВМРО – ДПМНЕ и ДУИ ја туркаат Македонија во погубно сценарио и насилно ја поништуваат и техничката влада, насилно ги враќаат претходните министри. Институции во Македонија нема. Ја загрозивте иднината на Македонија и ова насилие е на ваша одговорност. Вршите злодело врз граѓаните на Република Македонија – рече Сугаревски.

Во најновата колумна професорот Љубомир Фрчкоски се осврнува на променетата ситуација од вчера и заклучува дека „во овој момент опозицијата е во послаба позиција отколку претходно“.

– Симболичната  победа некако се стопи пред перспективата дека ќе нè владее иста криминална влада до следните избори, што е срашно! Оние што сметаат дека Хајндл ќе биде вистински  премиер во сенка на оваа влада се лажат и грешат. Хајндл, а се плашам и опозицијата, има шанси да бидат за жал набљудувачи на акцијата. Можеби лути и дрчни посматрачи, но сепак такви! Власта во сета своја микро структура на закани и услуги кон огромен број гласачи и клиенти, на микро план на остварување на моќта ќе биде оперативна. Неа ќе ја имаат криминалците од Владата. Со тоа и сите начини на уцени, услуги, пари и корупција со која ќе го одложуваат и успоруваат  распадот на мафијашката структура од која страдаме сите. Тоа имаат намера да го прават сè до следните избори, а тоа е ПОРАЗ драги мои. Тоа не може да се нарече „победа“ и да остане жива смислата на зборот – пишува Фрчкоски.

Според него движењето „Протестирам“ е апсолутна придобивка од сиот овој процес до сега, но, потсетува „некој треба и партиска политика да води за демократија и слобода, некој треба да ги направи политичките завршни удари!“.