fbpx

По пратениците, и Пендаровски согласен на законот за номинирање стратешки партнер за изградба на автопати на Коридорите 8 и 10д

-

Иако Државната комисија за борба против корупцијата (ДКСК) побара од претседателот Стево Пендаровски да не го потпише штотуку усвоениот „Закон за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10“, или кратко законот за давање на овие проекти без јавно наддавање на конзорциумот „Бехтел-Енка“, претседателот Стево Пендаровски го потпиша Указот.

„Законот е донесен со потребното мнозинство и притоа ниту еден пратеник, или пратеничка група не гласале против. Сите институции и поединци кои имаат сомневања во однос на уставноста на Законот, можат да се обратат до Уставниот суд кој е единствена надлежна институција за оценка на уставноста на законите и другите општи акти,“ информираа од Кабинетот на претседателот.

Според антикорупционерите, законот е во сериозен судир со Уставот и, сè додека имаат овластувања, тие ќе се спротивставуваат на неговата примена.

„Станува збор за закон од висок ризик за корупција и ќе го дадеме на Уставен суд. Како е можно тој закон да биде согласност со Уставот, а притоа да се фаворизира еден оператор,“ рече претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Според Ивановска, законот ќе донесе и правна нееднаквост, а неговото донесување во скратена постапка е во спротивност со Националната стратегија за борба против корупцијата што неодамна се изгласа во Собранието.

Таа нагласи дека за избраната компанија која треба да ги гради автопатиштата, медиумите во регионот веќе пишуваа дека често била поврзана со корупциски скандали, а сега повторно се избира за стратешки партнер без јасни критериуми и цели.

На 1 јули, пратениците Јован Митрески, Арбер Адеми, Сурија Рашиди, Кастриот Реџепи го поднесоа предлог-законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за изградба на автопатите на Коридорите 8 и 10д во земјава. Законското решение пратениците вчера го изгласа во скратена постапка.

Ваквиот потег доаѓа откако македонската влада кон крајот на март годинава го потпиша Меморандумот за разбирање и соработка со американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ за изработка на проектна документација и изградба на автопатите Тетово – Гостивар – Букојчани и Требеништа – Струга – Ќафасан од патниот Коридор 8, како и автопатската делница Прилеп – Битола на Коридорот 10д.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...