Фото: Архива на Мета.мк

Пратениците Јован Митрески, Арбер Адеми, Сурија Рашиди, Кастриот Реџепи го поднесоа предлог-законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за изградба на автопатите на Коридорите 8 и 10д во земјава. Законското решение ќе се носи по скратена постапка и веќе е поставено на дневен ред на 45. Седница на Собранието на РСМ. Ваквиот потег доаѓа откако македонската влада кон крајот на март годинава го потпиша Меморандумот за разбирање и соработка со американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ за изработка на проектна документација и изградба на автопатите Тетово – Гостивар – Букојчани и Требеништа – Струга – Ќафасан од патниот Коридор 8, како и автопатската делница Прилеп – Битола на Коридорот 10д.

Со предложените законски решенија ќе се уредат деталите околу проектирањето и изградбата на инфраструктурата на патните Коридор 8 и 10 д.

„За спроведување на Предлог на законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп Битола) во Република Северна Македонија потребни се финансиски средства кои ќе се обезбедат од Буџетот на Република Северна Македонија“, се наведува во предлог-законот, додавајќи дека алтернативно финансирањето на автопатите би се вршелo со средства од било кој друг извор во согласност со важечките закони.

Поради тоа што станува збор за проект од стратешка национална важност, овој закон би се применувал како посебен закон со кој се исклучува примената на други закони во целост или делумно, односно би се применувал без оглед на другите применливи закони во земјава во однос на сите прашања уредени со законот, се наведува во предложениот текст до пратениците.

Притоа, во предлог-законот се наведува дека одредбите од Законот за јавни набавки нема да се применуваат за доделување на договорите за подготовка и реализација на автопатите, додека изведбата на работите на Коридорите 8 и 10д не е меѓусебно зависна и можат да продолжат независно една од друга, вклучително доколку еден од проектите е одложен или не продолжи од било која причина.

На Владата на РСМ со предлог-законот ѝ е доделено правото да формира Комитет за преговори, кој ќе биде овластен да преговара со „Бехтел-Енка“ и да ги одобри условите за градење во договорот. За исходот од преговорите, ќе се состави извештај, кој би бил усвоен од Комитетот за преговори, по што македонската влада ќе може да одлучи да не го склучи договорот или да го овласти Министерството за транспорт и врски и стратешкиот партнер да пристапат кон склучување на договорот за градење на автопатите.

Договорот за градење на патните Коридори 8 и 10 д ќе мора да ја вклучи проценетата вредност на услугите и работите, меѓусебните права и обврски на договорните страни, начинот на плаќање, динамиката на извршување на работите и плаќањата, последиците од непочитување на утврдената динамика, начинот и фазите на давање на владение на локацијата и започнување на работите, промени во работното време при извршување на работите на изградба според утврдената динамика, како и било кои други прашања од значење за спроведување на Проектот за изградба на Коридорот 8 и/или Коридорот 10 д. Според Договорот за градење, Стратешкиот партнер може да ја преземе улогата на менаџирање и координација при изборот и назначувањето на трети страни за подготовка на проектната документација.

Со предложениот-закон доставен на усвојување во Собранието, се предвидува конзорциумот „Бехтел-Енка“ да ангажира резиденти и странски работници на извршување на работите, но притоа стратешкиот партнер ќе користи најмалку 51 отсто на локалните ресурси.

Експропријацијата за целите на спроведувањето на Проектот ќе се изврши
согласно Законот за експропријација, со тоа што со предлогот за експропријација
ќе се приложи патниот коридор, наместо инфраструктурен проект, се наведува во предложениот-закон.