fbpx

Општина Кичево троши повеќе за обештетување за каснувања, отколку за третман на кучињата-скитници

Парите што Општина Кичево ги потрошила за една година за обесштетување на оштетените се речиси пет пати повеќе од парите што ги потрошила за една година за третман на кучињата-скитници

-

Само за една година, Општина Кичево потрошила повеќе пари за обештетување на лицата кои се каснати од кучиња-скитници, отколку за третманот на кучињата. Според податоците што ги обезбеди Порталб.мк, во текот на 2022 година Општината наменила 1,2 милиони денари или 19.500 евра за прашањето на третманот на кучињата-скитници, а од друга страна дала околу 7 милиони денари, или над 110.000 евра за обесштетување на луѓето што биле каснати од кучињата-скитници.

Бројот на каснувања е зголемен, но од Општината велат дека сѐ уште не нашле локација за изградба на засолниште, со кое се очекува да се ублажи проблемот со кучињата-скитници.

Парите што Општина Кичево ги потрошила за една година за обештетување на оштетените се речиси пет пати повеќе од парите што ги потрошила за една година за третман на кучињата-скитници. Емилија Петкоска од Секторот за животна средина во Општина Кичево, вели дека износот на пари што едно каснато лице може да ги земе е од 25.000 до 40.000 денари.

„Доколку оштетениот поседува потребни докази за штетата што ја претрпел и има согласност од Општина Кичево, тогаш може да се обештети“, објасни Петкоска.

Од друга страна, податоците обезбедени од Министерството за внатрешни работи покажуваат дека бројот на луѓе што биле каснати од кучињата-скитници во градот Кичево во текот на последните девет години, односно од 2015 година до август 2023 година, е зголемен пет пати. Во 2015 година регистрирани се само 31 случај на каснувања од кучиња-скитници, додека до пред еден месец имало 155 регистрирани случаи.

Годината со најмногу регистрирани каснувања од кучињата скитници е 2022 година, со 237 случаи.

План без рокови

На веб страницата на Општина Кичево има документ „План и Програма за решавање на проблемот со бездомните животни на територијата на Општина Кичево“ во кој нема датуми и конкретни рокови за мерките што ќе се преземаат за решавање на проблемот со кучињата-скитници. Во овој план се опишува процесот на фаќање на кучињата, нивната стерилизација, вакцинација, регистрирање и потоа нивното пуштање на територијата каде што живеат.

На прашањето на Порталб.мк дали овој план е во сила и кои се конкретните мерки што се преземени, Петкоска кратко рече дека за оваа година важи овој план и дека секоја година се изработува план-програма, која потоа се разгледува од страна на Претседателот на Советот на општината и се објавува на веб-страницата на општината.

„Бројот на кучињата се намалува само со стерилизација, а секоја година се врши нивно броење за време на изработка на програмата“, вели Петкоска, во врска со тоа дали е намален бројот на кучињата-скитници. Таа додаде дека стерилизацијата се врши секоја година и дека општината соработува со ветеринарната станица „Зебра“ за третман на овие кучиња.

Претседателот на Советот на општина Кичево, Скендер Џабири за Порталб.мк рече дека проблемот со кучињата-скитници постои со години наназад и тоа не само во градот Кичево туку во целата држава, а тоа што го прави овој проблем уште потежок за контролирање е транспортирањето на кучињата скитници од другите градови и нивното пуштање во Кичево.

„Проблемот со кучињата скитници постои не само кај нас туку во целата држава, и што го прави ова уште потешко е нивното пренесување од другите градови и пуштање во Кичево“, рече Џабири.

Општината доби грант, но не го искористи за третман на кучињата.

Во 2020 година, Општина Кичево доби грант во износ од 300.000 евра за изградба на засолниште за кучињата-скитници. Градоначалникот на општина Кичево во 2020 година рече дека ова засолниште ќе биде изградено до март-април 2021 година.

„Добивме грант од над 300.000 евра и изработивме проект за посериозно справување или засолнување на кучињата-скитници, стационар за нивни третман и се надевам дека идната година или почетокот на идната година било месец март или април не сакам да помине повеќе од месец мај да започнеме со реализација на овој проект“, рече Фатмир Дехари за ТВ 21.

Меѓутоа ова засолниште не се изгради.

Од Општина Кичево за Порталб.мк рекоа дека парите што се добиени од програмата на компанијата ТАВ за инвестиции во инфраструктура за изградба на засолниште за кучињата се потрошени на два други проекти, поради тоа што Општина Кичево нема државно земјиште за изградба на засолништето.

Грантот беше доделен од ТАВ Македонија и со предвиден рок на реализација. Првично од страна на Општина Кичево грантот беше наменет за изградба на засолниште за кучињата-скитници, меѓутоа поради недостиг на локација (земјиште во државна сопственост) за изградба на засолништето за кучињата-скитници, и имајќи во предвид дека бевме временски ограничени за реализација на средствата, добиениот грант се пренамени за реализација на два други инфраструктурни проекти на градот: градскиот плоштад и капелата“, рекоа од Општина Кичево.

Според Општината, поради немањето локација, преговараат со Општина Македонски Брод за тие да обезбедат земјиште за изградба на засолништето.

„Со Македонски Брод се спогодивме изградбата на засолништето за кучињата-скитници, да се реализира на нивна територија. Во моментов тие се во постапка на измени на урбанистичките планови на Македонски Брод, за намена на градежно земјиште за реализација на оваа активност, односно заедничко засолниште за кучињата скитници со Македонски Брод“, рекоа од Општина Кичево.

Во јануари годинава, градоначалникот на општината, Фатмир Дехари соопшти дека се сретнал со градоначалникот на општина Македонски Брод и се спогодиле за изградба на едно заеднично засолниште.

Кичево години наназад се соочува со проблемот на кучињата скитници, дури од нивното каснување настрадало и едно 4-годишно дете. Недостатокот на соодветни услови за менаџирање на ситуацијата со кучињата-скитници постои и во други општини во земјава.

ИзворПорталб

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...