Голем дел од општините минатата година не успеаа да ги реализираат буџетските планови. Има потфрлање кај наплатата на данок на имот, данок на доход, на добивка. Главен „извор“ на приходи на локалните буџети се државните трансфери. Најголема буџетска „издашност“ се платите, придонесите, комуналиите, пишува Порталб.мк. Стотици илјади евра се трошат и на основа на „договорни услуги“, но и за „привремени вработувања“.
Приходи и расходи на општините
Најголема сума на приходната страна на буџетот на општина Арачиново се „државните трансфери“ кои се највисока приходна ставка кај сите општини. Од данок на имот општината во 2023 година, наплатила скоро 103.000 евра што претставува 79 отсто во однос на планираното. Поголемо потфрлање има кај наплатата на данокот на доход и добивка – приходите се реализирани со 37,2 отсто во однос на проекцијата.
На расходната страна само за плати и за придонеси се потрошиле 1,6 милиони евра, а за комунални услуги, греење, комуникации биле платени сметки во износ од околу 193.000 евра. Лани општина Арачиново имала вкупни приходи и расходи во речиси ист износ од 2,6 милиони евра.
На основа на данок на имот, општина Гостивар лани наплатила скоро 1,3 милиони евра што претставува 83,5 отсто во однос на годишната проекција. Оваа приходна ставка е најголема по онаа за државните тренсфери. На расходната страна и кај оваа општина доминантна ставка се платите и придонесите, за што се потрошиле 14,5 милиони евра, а една од повисоките трошковни ставки во износ од 917.700 евра се „договорните услуги“. За привремени вработувања биле исплатени 372.500 евра. Преку ставката „други градежни работи“, се одлеал 1 милион евра. Лани, во општинската каса се слеала и потрошила речиси идентична сума од 18,9 милиони евра.
Општина Дебар во буџетската 2023 година, собрала приходи во износ од 6,7 милиони евра, а потрошила 6,4 милиони евра. Од данок на имот наплатила 218.000 евра, што претставува натфрлување на планот за 7,3 отсто, а позначаен износ од 1,4 милиони евра е слеан преку ставката „даноци на специфични услуги“. На расходната страна за плати и придонеси биле потрошени 4,3 милиони евра. Повисок износ од 618.000 евра на расходната страна се одлеал за „други градежни објекти“, а за комуналии биле потрошени 476.800 евра.
Расходи за плати и придонеси
Општина Арачиново – 1.630.000 евра
Општина Гостивар – 14.503.000 евра
Општина Дебар – 4.375.418 евра
Општина Кичево – 10.004.000 евра
Извор: Министерство за финансии
Во општина Кичево, на основа на данок на имот, во општинската каса се слеале 867.000 евра што е за 1,7 отсто повеќе во однос на проекцијата. По доминантната ставка „државни трансфери“, највисока е приходна ставка „даноци на специфични услуги“, во износ од речиси 2,1 милион евра. За основни плати и придонеси оваа општина лани потрошила 10 милиони евра. На расходната страна една од повисоките трошковни ставки во износ од 2,6 милиони евра е „други градежни објекти“. За комуналии, греење, комуникации, се потрошени 932.000 евра.
За „договорни услуги“ од општинската каса се одлеале 797.200 евра. Лани, вкупните приходи на општина Кичево изнесувале 16,3 милиони евра, а расходите изнесувале 16,1 милиони евра.
Во второто продолжение, под лупа ќе бидат сумираните годишни податоци на Министерството за финансии во однос на приходите и расходите и на други општини како Тетово, Чаир, Струга.