fbpx

Опфатот со МРП вакцина е низок, зголемен ризикот од појава на епидемија со морбили

„Мора да се работи со луѓето, да се објасни секој аспект, да им се кажат сите можни компликации. Можеме да се избориме луѓето да имаат пристап до квалитетни информации“, истакна на денешниот брифинг д-р Лилјана Којиќ од Клиниката за детски болести

-

МРП е безбедна и ефикасна комбинирана вакцина која обезбедува заштита против мали сипаници, заразни заушки и рубеола. Опфатот не е на задоволително ниво кај нас – процентот на национално ниво изнесува 70 отсто. Затоа родителите треба да ги вакцинираат своите деца.

Ова беа дел од заклучоците на денешниот брифинг за новинарите на тема „МРП вакцина“, кој се одржа во организација на Министерството за здравство и на Фондацијата Метаморфозис, во соработка со УНИЦЕФ и финансиска поддршка од УСАИД. На брифингот говореа претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани, д-р Кристина Ставридис, епидемиолог од Институтот за јавно здравје, како и прим. д-р Љиљана Којиќ, специјалист педијатар од Клиниката за детски болести. На брифингот беа презентирани податоци за состојбата, опфатот и придобивките од МРП вакцинацијата во земјата.

Д-р Кристина Ставридис кажа дека морбили се јавуваат најчесто во детската возраст.

„Мали сипаници се респираторно заболување кое може да доведе до тешки компликации и фатален исход. Тоа може да предизвика компликации кај оние кои ќе прележат, а најсериозни се пневмонија и воспаление на мозокот. Под најголем ризик се децата под 5 години и возрасните над 20 години, но и имунокомпромитираните лица и бремените жени“, рече таа.

Ставридис информира дека во државата има опфат од 70 отсто за прва, и 89 отсто за втора доза со МРП вакцина.

„Овој опфат за втора доза, ни покажува дека родителите не ја избегнуваат вакцината, туку ја одложуваат. Низок е опфатот во последните две години и кај нас и во светот (74 отсто за втора доза), со што се соочуваме со зголемен ризик од појава на епидемија. Од почетокот на декември веќе во Романија има епидемија на мали сипаници, со над 1.800 случаи регистрирани, на возраст до 9 години, главно невакцинирано население“, рече Ставридис.

Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани, кажа дека милиони деца во светот ја имаат примено МРП вакцината без последици и истакна дека се прима на безбеден начин.

„МРП е најважна за рутинска имунизација на децата зашто морбилите се најзаразен вирус и опфатот треба да биде 95 отсто за да се постигне колективен имунитет. Овде процентот не е толкав, на национално ниво изнесува 70 отсто. Има намалување на овој опфат. Куманово има 40 отсто, што е многу пониско од очекуваниот процент. Ако децата добијат морбили тие се во ризик да бидат сериозно болни, да имаат проблем со плодноста, да имаат други болести, па дури и смрт и затоа вакцинацијата е неопходна“, кажа ДиЏовани.

Таа истакна дека нема научни докази за тоа дека постои поврзаност меѓу МРП вакцината и аутизмот.

„Беа потрошени многу пари за да се истражува, имаше обвинувања дека предизвикува аутизам. Мојот внук има аутизам, кога дознаа неговите родители паничеа, се запрашаа дали вакцината е причина. Но, нема научна позадина на сето ова, не постои поврзаност меѓу аутизмот и МРП вакцината“, додаде таа и истакна дека медиумите имаат важна улога кога се зборува на темата вакцинација.

Д-р Лилјана Којиќ од Клиниката за детски болести кажа дека во 1972 година вакцината е донесена во Македонија.

„Јас сум родена неколку години пред да биде донесена вакцината во земјава. Не сум била вакцинирана и сум заболела од морбили. Сум имала тешка форма на пневмонија. Затоа, сметам дека вакцината е една од најголемите цивилизациски придобивки и благодарение на тоа, ние немаме болести“, кажа таа.

Д-р Којиќ истакна дека има група на збунети и исплашени родители, кои читаат дезинформации по социјалните мрежи и кажа дека мора да се работи со луѓето, да се објаснат убаво работите за вакцинацијата од секој аспект, да им се кажат сите можни компликации. Зборувајќи за нејзината работа како педијатар, докторката кажа дека успевала да ги разубеди родителите кои не биле сигурни околу вакцините.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Електрификацијата на пругата кон Косово падна во заборав

Долгонајавуваната електрификација на пругата кон Косово не се случи ниту во овој мандат на Владата предводена од социјалдемократите. Веќе три години не сообраќа ниту патничкиот воз Скопје – Приштина...