Во главниот град на Бугарија денеска почна отстранувањето на Споменикот на советската армија. Уште малку треба да биде готово скелето, а потоа ќе почнe демонтажата на највисоките фигури, јави бугарскиот онлајн-медиум mediapool.bg.
Демонтираните фигури потоа ќе бидат однесени на складиштење. Накнадно треба да биде распишан тендер за нивна реставрација, по што ќе бидат изложени во Музејот на социјалистичката уметност. Се размислува евентуално и за друга локација, вели областниот управител на Софија, Вјара Тодева.
Минатата седмица Областната управа на Софија (која е орган на централната власт) соопшти дека состојбата на споменикот е опасна за граѓаните и е неопходна итна реставрација на скулптурите. Споменикот не е реставриран 70 години и на скулптурите има големи пукнатини.