fbpx

Опаѓа поддршката за членството во ЕУ во земјава, најизразен отпор кај младите

Она што најмногу загрижува во спроведеното анкетно истражување е дека само 53 отсто од младата популација на возраст од 18 до 24 години го поддржува членството во ЕУ. Овој јаз во ставовите за членство во ЕУ помеѓу различните возрасти на населението се надоврзува на веќе присутниот меѓуетнички јаз во однос на поддршката за членство во ЕУ

-

Поддршката за членството на Северна Македонија во ЕУ опаѓа, иако мнозински 60 отсто од граѓаните одговориле дека ќе гласаат потврдно ако следната недела би се оддржал референдум за членство на земјава во ЕУ. Иако мнозинството граѓани и годинава го поддржуваат овој надворешнополитички приоритет на земјава, станува збор за најнискиот процент за поддршка за членство во ЕУ од 2014 година до денес. За ова денеска информираа од Институтот Социетас Цивилис, кој истражувањето го спроведе во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер.

Она што најмногу загрижува во спроведеното анкетно истражување е дека само 53 отсто од младата популација на возраст од 18 до 24 години го поддржува членството во ЕУ. Овој јаз во ставовите за членство во ЕУ помеѓу различните возрасти на населението се надоврзува на веќе присутниот меѓуетнички јаз во однос на поддршката за членство во ЕУ.

Извор: Институт за демократија Социетас Цивилис

Па така, 57 отсто од етничките Македонци го поддржуваат членството во ЕУ, додека значително поголем процент од етничките Албанци (78 отсто) се за членство во ЕУ. Членството во ЕУ е многу важно за приближно половина од етничките Албанци, во споредба од 32 отсто од етничките Македонци. За 23 отсто од етничките Македонци, кандидатурата на Северна Македонија за членство во ЕУ воопшто не е важна.

Само 24 отсто од испитаниците се согласуваат да се промени Уставот за внесување на бугарското малцинство за да продолжиме со интегративниот процес. Скоро две третини или 65 отсто од испитаниците сметаат дека измените на Кривичниот законик се донесени за заштита на политичките елити од минати криминални дејствија.

Покрај турбулентниот пат кон неа, ЕУ продолжува да биде перцепирана од македонските граѓани како најголем донатор, економски партнер и сојузник на државата.

Во однос на мислењето на испитаниците за оценката за подготвеноста на Северна Македонија за членство во ЕУ, 66 отсто од населението го делат мислењето дека земјата не е подготвена да стане членка на ЕУ.

Извор: Институт за демократија Социетас Цивилис

И по ова прашање, етничките Македонци имаат тенденција да бидат поскептични, бидејќи 70 отсто од испитаниците во оваа група сметаат дека земјата не е подготвена за членство. Од друга страна, околу 40 отсто од етничките Албанци се убедени во спротивното.

Ова се само дел од наодите на двете истражувања „ЕУ интеграциите во сенка на внатрешните процеси – Анализа на јавното мислење за 2023 година“ и Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија (2014-2023) што денеска беа промовирани во Europe House Skopje.

Во истражувањето спроведено годинава, најголем дел од граѓаните (44 отсто) одговориле дека главната причина зошто Северна Македонија не е членка на ЕУ е неостварувањето на домашните реформи, додека 30 отсто сметаат дека причина за ова се опструкциите од соседните земји за нашето членство во ЕУ. Висок процент од граѓаните, или 18 отсто, сметаат дека ЕУ не е подготвена да ја прифати Македонија како своја членка.

Извор: Институт за демократија Социетас Цивилис

Анкетата покажала дека популацијата на неопределени и апатични испитаници во изминативе три години се зголемила на приближно 30 отсто.

Податоците кои се користени во промовираните анализи произлегуваат од анкетно истражување на јавното мислење спроведено во текот на месец ноември 2023 година на примерок од 1.000 испитаници.

„Голем дел на овој пад се должи на горчливото искуство на земјата со критериумите што го има за започнување на преговори, кои не секогаш беа објективни. Но таа перспектива не треба да биде приоритет, туку приоритет треба да биде што нашата земја прави за да се приближи до Унијата“, изјави денеска претседателот на Институтот за демократија Марко Трошановски.

Директорот на канцеларијата на „Конрад Аденауер“ во Скопје, Даниел Браун вели дека не е изненаден од резултатите во кои опаѓа ентузијазмот, но од другата страна бројот на луѓе кои се евроскептици не се зголемува.

Осврт на истражувачките резултати дадоа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, но и претседателот на Национален совет за евроинтеграции Александар Николовски кој е и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Маричиќ вели дека секој кој што е во политика треба да чувствува одговорност за изминатите 18 години, колку што земјата е кандидат за членка и дека годишнините треба да се користат за резиме каде сме погрешиле и што понатаму.

„Сè што не се уставни измени ние направивме до минатата недела, го завршивме скринингот и ќе испратиме сè она што беше бирократски процес во Брисел. Поважното прашање е решавање на проблемот за наредната година да немаме ситуација во која уште 10% помалку ќе веруваат во ЕУ“, рече тој.

Александар Николовски пак вели дека загрижува податокот дека младите се најмногу евроскептични.

„Како е возможно држава која што е војна, Украина, почна преговори, а Македонија не почна преговори. Покрај политичкото прашање, многу поважен е принципот на владеење на правото бидејќи мислам дека основата зошто не почнуваме преговори е поради високото ниво на криминал и корупција и принципот на неказнивост“, изјави Николовски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бизнис идеите на младите презентирани на првиот ден од Стартап Викенд Охрид

Викендов, од 26 до 28 април се организира второто издание на Стартап Викенд Охрид, настан кој е најголем од ваков тип во државата, а кој започна вчера попладне и...