fbpx

Онколошките пациенти влегуваат во обвинителството: Бараме вистина и одговорност!

Една ни е целта - да се стави крај на криминалот на онкологија, да се врати довербата во докторите, да се врати мирот на луѓето кои изгубиле некој и да се отстранат прашалниците кај децата кои прашуваат, дали ти мамо ја примаше соодветната терапија“, вели Ана Марјановиќ за Мета.мк, која секој ден протестира пред Јавното обвинителство

-

По завршените работни обврски и два родителски состанока, 41-годишната Ана Марјановиќ и вчера, трет ден по ред, со своите „соборци“ стои со транспарентот во рака пред Јавното обвинителство, барајќи одговори за случајот со Клиниката за онкологија – дали имало злоупотреби со терапиите што ги примале пациентите болни од рак и дали ќе има одговорност. Како пациент на клиниката, дијагностицирана со рак на дојка во 2020 година, која е во ремисија веќе трета година, таа бара одговори на голем број прашања што се отворија во последниот период за работата на здравствената институција која сега е под лупа на истражните органи.

Друштво на Ана ѝ прават само неколку онколошки пациенти. Завчера беа десетина, вчера само четворица. Во понеделникот се одржаа протести пред Владата и пред Јавното обвинителство, кои беа побројни, но врз нив на еден начин беше фрлена сенка од партиски бои од провокативни транспаренти на партијата „Левица“ и нејзиниот лидер Димитар Апасиев, што привлече големо внимание во јавноста. Вистинските жртви во случајот – оние кои поминале години низ болничките соби и ходниците на Клиниката за онкологија, па макар биле и само неколкумина, решија сами, секојдневно, да чекаат пред Јавното обвинителство и да бараат одговори.

Протест на онколошките пациенти пред Владата, 04.09.2023 / Фото: Лична архива, Ана Марјановиќ

„Вчера дојде една мајка со детенце. Дојде да нè поддржи во 19 часот, видела на социјалните мрежи. Таквите луѓе се за почит. Јас партија немам. Мојата партија се фамилијата и децата. Вчера син ми ме прашува, ама мамо, зар навистина таму сама протестираш? Му велам не сум сама, ама дури и да сум, не ми е проблем. Ми рече само – браво мамо“, раскажува Марјановиќ.

Нивното присуство, сепак, резултираше со некаков плод. Денеска на пладне Марјановиќ и уште четворица онколошки пациенти ќе бидат примени во Јавното обвинителство, од каде се очекува да добијат одговор до каде е предистрагата, се разбира, колку што е тоа можно, со оглед на тоа што е започната неодамна.

Ана Марјановиќ и нејзините соборци / Фото: Лична архива

„Мислам дека нашите барања од ОЈО се многу едноставни – одговорност и вистина! Бараме да се објават јавно сите лица инволвирани и ќе ставиме акцент на сите, зошто и само ако со прст некој бил вмешан, бараме да одговара. Сакаме да знаеме која е таа експертска комисија која ќе ги разгледува историите, сакаме претставници во предистрагата и истрагата кои се онколошки пациенти и кои ќе имаат увид во текот на постапката. Сакаме ова да не биде заташкано и да имаме жртвени јагниња, сакаме да знаеме кои лекови се предмет на истрага и од кога, што е многу важно прашање. Ако треба, ќе се вратиме и 20 години наназад, но мора да се истражи секоја историја која е сомнителна и е посочена од нас и сите оние кои доброволно сами пријавиле во ОЈО“, вели Марјановиќ.

Многу сведоштва од незадоволни пациенти

Мојата приказна е среќна, вели Ана за Мета.мк, потсетувајќи се на 3-ти август 2020 година кога ја примила првата хемотерапија во сред пандемијата на ковид-19.

Ана Марјановиќ, лична архива

„Тоа е, си велев, кад је бал, нек је маскенбал. Од првата до последната терапија сè помина во совршен ред, релативно лесно се соочив со терапиите, а многумина ми велеа дека тоа е најмногу поради мојот позитивен став. За мене дијагнозата канцер значеше само една станица која мора да се изоди, јас имам двајца прекрасни сина и сум самохран родител, така што опцијата откажување и залегнување за мене не постоеше и не постои ни денес“, вели таа.

По објавувањето на скандалот со Клиниката за онкологија, Ана, заедно со нејзината пријателка Анџелика Колева, ги повикаа сите пациенти кои се сомневаат во начинот на лекувањето, да им ја достават нивната документација. Дел од нив, како што сведочи Марјановиќ, се плашат да излезат јавно и бараат анонимност, но во секој случај, добиле загрижувачки сведоштва.

„Ми пиша, на пример, 27-годишна девојка на која во 2017 примила осум терапии, 28 зрачења, била ставена на хормонска терапија и ѝ било кажано дека ќе прима Zoladex 2 години. Но, по првата година терапијата ѝ е прекината без објаснување од нејзиниот доктор, по што канцерот се појавува повторно, и денес таа се лечи во странство. Ме исконтактира и 30-годишна пациентка со канцер на дебело црево, која била праќана да си ја купува терапијата на Козово – Oxaliplatin, бидејќи на Клиниката за онкологија ја немало, а таа нормално не сакала да чека“, раскажува Марјановиќ.

Семејствата заслужуваат одговор на најтешкото прашање – направиле ли сè што можеле

Основното јавно обвинителство Скопје и МВР интензивно преземаат дејствија за проверка на наводите, меѓутоа со оглед на фазата во која се наоѓа постапката обвинителството не е во можност да споделува детали. Меѓу останатите бројни дејствија, во континуитет се вршат распити на лица кои би можеле да имаат определени сознанија. Исто така, отпочнати се и дел од анализите на прибраните материјални докази. Јавното обвинителство го разбира интересот на јавноста за овој предмет и во оној момент кога ќе се стекнат објективни услови без да се наруши текот на постапката, соодветно ќе информира за сите резултати од преземените дејствија.

Ова е вчерашниот одговор од Јавното обвинителство за тоа до каде е постапката за расветлувањето на една од најголемите афери во историјата на македонското здравство и тоа е сè што засега може да се знае официјално за овој случај.

Речиси сите политички, истражни, државни субјекти и институции се на иста линија, барем формално – дека случајот мора да се истражи докрај и да се најдат евентуалните виновници, со име и со презиме, пред сè поради пациентите на клиниката, на оние што поминале низ тие ходници, но и поради сите семејства кои изгубиле некој како последица на ракот. Сето ова е повеќе од потребно, бидејќи речиси и да нема семејство кое изгубило некој како последица на оваа болест, а по овој скандал, да не се запраша дали можеби и нивниот близок бил жртва на нечии зголемени апетити за пари и дали можеби исходот можел да биде различен.

„Најтешко е кога ќе се соочиш со смрт на близок, и она што е најважно е да знаеш после тоа е дека си направил сè што си можел за него. Овој случај го разгори второто прашање кај многу семејства, кои едноставно заслужуваат да го знаат одговорот“, вели Марјановиќ.

Полни раце работа за истражните органи, ќе има ли епилог?

Сомнежите кои се објавуваа месеци наназад се дека терапијата за болните од рак, а особено скапата биолошка терапија, била препродавана на црниот пазар од вработени на Клиниката. Ова, според објавените информации во „Фокус“ и во „Слободен печат“, било правено на начин што во системот фигурирале пациенти, најчесто блиски роднини на раководството, кои воопшто не биле болни од рак, а им биле препишувани големи дози терапија. Исто така, според пишувањата, терапија им била препишувана и на пациенти кои починале, но тоа не било заведено во системот или пак на лица кои се во терминална фаза на болеста. Оваа терапија, според објавите, потоа била препродавана, а со тоа, во прашање се доведувало и каква терапија всушност примале вистински болните од карцином.

Сомнежи за работата на Клиниката за онкологија изрази и Државниот завод за ревизија минатата година – констатирани беа пропусти при набавката на биолошка терапија, лошо планирање на системот за приклучување пациенти на терапијата, набавка на лекови на реверс без формирана цена, пречекорување на буџетот за над 10 милиони евра и ненаплатени долгови од речиси 3,5 милиони евра.

„Слободен печат“ објави дека во 2017 година за 350 илјади евра бил набавен автоматизиран систем за подготовка на цитостатиците КАТО (CATO System), а 20 медицински сестри минале едномесечна обука. Овој систем требало да стави крај на рачниот систем на дозирање, а идејата била да се спречи губење на дозите, да се обезбеди прецизно дозирање без грешка и безбедно чување на цитостатиците. Со КАТО било невозможно да се украде цитостатик или да се намали нечија доза, но, по само шест месеци откако е набавен овој систем, во 2017 година, според објавите, новиот директор на клиниката, Нино Васев, го исфрлил од употреба.

Министерот за здравство Фатмир Меџити (на функција од март 2023), заедно со в. д. директорката на Клиниката за онкологија (на функција од ноември 2022 година) д-р Виолета Клисаровска и организацискиот директор Хаљид Матоши (на функција 4 месеци) одржаа прес-конференција, на која меѓудругото рекоа дека „веќе неколку месеци пред овој случај да излезе во јавност, се прават финансиски анализи дали КАТО системот да се врати во функција или да се обезбеди нов систем за контрола на терапијата“.

„Веќе имаме остварено неколку состаноци и со новиот ребаланс на буџетот предвидуваме обезбедување на систем кој долгорочно ќе ги спречи евентуалните злоупотреби во иднина“, кажа министерот Меџити, но не кажа зошто овој систем воопшто бил набавен, а потоа исфрлен од употреба.

Меџити и Клисаровска неколку пати повторија дека откако се тие на функциите, сменети се протоколите за работа на Клиниката и дека за сè што се случувало претходно, треба да кажат претходните раководства.

Фото: Министерство за здравство

И вчера министерот Меџити ја посети Клиниката за онкологија и пациентите кои се таму хоспитализирани и изјави дека таму има нов начин на работа од ноември лани, при што конзилиум од 12 раководителите на оддели ги разгледуваат историите на пациентите на кои би требало да им се дава биолошка терапија и заеднички се одлучува дали има основa пациентот да прима одредена терапија.

„На овој начин, исклучена е можноста за евентуални злоупотреби односно поединечно носење одлуки за биолошката терапија. За аплицирање на назначената терапија постои уредна евиденција во амбулантниот дневник кој се води во дневната болница“, стоеше во соопштението од Министерството за здравство.

Во меѓувреме, во интервју за телевизијата Клан, поранешниот економски директор на Клиниката за онкологијам Нехат Нухи, призна дека неговата мајка за време на пандемијата со ковид-19 била лекувана на Клиниката за онкологија и дека има медицинска историја таму, иако, како што кажа, не се лекувала од рак.

Според Нухи, овој третман бил дозволен од тогашниот медицински директор.

„Беше период на ковид, а кога се работи за мајка, секој човек бара решение како побрзо да се третира. Со дозвола на медицинскиот директор, ни овозможија да се лекува. Но, не се лекуваше од рак. Беше период на ковид и другите клиники функционираа како ковид центри и затоа се лекуваше во нашата клиника“, рече Нухи во интервјуто.

Единствен епилог за случајот, ако може да се нарече така, со оглед на тоа што сè уште нема судска разрешница е 29-годишната медицинската сестра која во два наврата била фатена при кражба на лекови од Клиниката за онкологија, во 2020 и во 2023 година, кога ѝ бил врачен и отказ од работното место. Зошто после првиот обид за кражба таа била вратена на работното место, недостигаат конкретни одговори. Од Основното јавно обвинителство соопштија дека се водат три постапки за изолирани случаи на обид за кражби на лекови и поткуп поврзани со Клиниката за онкологија, од кои едниот е во судска постапка.

Инаку, биолошката терапија во 2019 година беше воведена од страна на поранешниот министер Венко Филипче, а една ампула може да чини и неколку илјади евра. Пациентите болни од канцер почнуваат со хемотерапија, зрачење, па потоа следува скапата биолошка терапија, која се прима од 15 до 18 терапии, во зависност од видот на карциномот. Начинот за тоа дали оваа терапија била праведно распределувана треба допрво да се утврдува.

Во меѓувреме, на Бирото за јавни набавки беше објавен договорот за набавка на нова биолошка терапија за наредните 12 месеци. Вкупната вредност на договорот е 16,7 милиони евра, од кои половината ги има добиено АД за производство на лекови, медицинска опрема и материјал, промет и услуги Д-Р ПАНОВСКИ Скопје.

Онколошките пациенти сметаат дека само со расветлувањето на овој случај, може да се стави крај на недовербата на пациентите, вклучително и за тоа кому се дава биолошката терапија.

„Една ни е целта – да се стави крај на криминалот на онкологија, да се врати довербата во докторите, да се врати мирот на луѓето кои изгубиле некој и да се отстранат прашалниците кај децата кои прашуваат ‘дали ти мамо ја примаше соодветната терапија’. Јас денес го добив тоа прашање од моето дете и можев да му кажам да, јас ја добив, мама, не се секирај. Посакувам секој да може да го каже тоа“, вели Марјановиќ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата насилно го задуши про-палестинскиот протест на Универзитетот Калифорнија

Стотици полицајци влегоа на кампусот на Универзитетот Калифорнија (УКЛА) денес во обид да го расчистат про-палестинскиот протестен камп, кој вчера беше нападнат од израелски поддржувачи, пишува Гардијан. Се проценува дека...