fbpx

Експресно усвоени законските измени за пониски казни за корумпираните функционери

Жестоки реакции во јавноста предизвика носењето на законските измени кои власта ги предложи како дел од директивите на ЕУ, особено затоа што истите воопшто не биле предмет на дебата во работната група за изработка на нов Кривичен законик

-

Со 48 гласа „за“, 36 „против“, и еден воздржан, Собранието вчера доцна попладнето ги изгласа измените на Кривичниот законик, по скратена постапка, со европско знаменце, со кои се намалуваат затворските казни за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувања.

Вчера овие измени поминаа и во двете собраниски комисии, без амандмани од опозицијата, а кусо траеше и собраниската расправа.

Жестоки реакции во јавноста предизвика носењето на законските измени кои власта ги предложи како дел од директивите на ЕУ, особено затоа што истите воопшто не биле предмет на дебата во работната група за изработка на нов Кривичен законик.

„Во предлог текстот на законот, не е воопшто наведено зошто се намалуваат казните и кои се стандардите поради кои се предлага намалувањето. Од достапните коресподентни табели во кои е даден преглед на релевантните документи на ЕУ со кои прописот се усогласува, не се спомнати и оценети двете спорни одредби. Дополнително, во предлог текстот на законот како образложение е наведено дека постојат ургентни прашања, кои се појавиле во меѓувреме. За нив се смета дека е целисходно да бидат регулирани за пократок период, бидејќи во секој случај веќе подолг временски период се изработува нов КЗ, што е окарактеризиран како обемен и сложен процес. Кои се овие ургентни прашања не е познато“, реагираа од Блупринт групата за реформи во превосудството.

Од таму изјавија дека овие предлози ниту биле предложени, ниту пак дискутирани на работната група за изработка на нов Кривичен законик.

Од Транспаренси Интернешнл – Македонија овие измени ги нарекoa „тивка амнестија“ и се повикуваа на членот 3 од Кривичниот законик – „Задолжително применување на поблаг кривичен закон, став 2“.

Ова значи дека ако по извршувањето на кривичното дело е изменет законот, еднаш или повеќе пати, ќе се примени законот што е поблаг за сторителот, а одредени постапки ќе подлежат на застареност.

„Ова е непознат европски феномен. Се срамам што предавам право, не сум сонувала дека за 3 саата може да се донесе закон. Побрзи од ветер сте во заштита на криминалот и корупцијата“, рече професорката Гордана Силјановска Давкова, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ на собраниската дебата.

Првиот вицепремиер Артан Груби, пак, вчера рече дека измените на Кривичниот законик се и ексклузивно барање на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ со оглед на тоа што „македонската опозиција на пленарната седница не гласала против измените во Кривичниот законик коишто се хармонизација со европското право, туку останала на седницата, правејќи кворум”.

Тој ги отфрли како апсолутна лага тврдењата на албанската опозиција дека измените во Кривичниот законик се прават за да се спаси поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој е во бегство во Будимпешта.

Инаку, во стариот Кривичен законик членот 353 предвидуваше казна од најмалку три години затвор за службените лица кои при злоупотреба на службената положба прибавиле значителна имотна корист или нанеле значителна штета, но не беше предвидена горна граница, односно 20 години беше највисоката можна казна според македонското законодавство. Апсолутна застареност за овие дела би била 40 години, или пластично кажано, ако некој ја злоупотребил службената положба во 2013 година и е осуден на 20 години затвор, апсолутна застареност на делото би имал во 2053 година.

Сега, со законските измени, гонењето се намалува на најмногу 10 години. Тоа значи дека обвинетите кои сториле ваква злоупотреба до 2013 година и сè уште немаат правосилна пресуда, годинава веќе им застарува делото за гонење. Тука спаѓаат и дел од обвинетите во предметите на СЈО.

Илустрација: Мета.мк / Извор: Собрание на РСМ

Се менува и членот 394 за делото „злосторничко здружување“. Таму се намалуваат казните, или како што пишува во законот, зборовите „до десет години“ се заменуваат со зборовите „до три години“. Скратени се казните и во вториот став на овој член, па наместо „од шест месеци до пет години“ затвор ќе се одговара „до две години“.

Понатаму, казната за службеното лице или одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа кое несовесно постапува во своите овластувања и должности и со тоа прибавува значителна имотна корист или предизвикува значителна штета, беше до 20 години затвор, а со новите измени се предвидува намалување за ова дело од шест месеци до пет години затвор.

„Веќе подолг временски период се изготвува новиот Кривичен законик. Во него посебно внимание е посветено на усогласувањето со меѓународните стандарди, а посебно со актите на Европската Унија. Со оглед дека се работи за обемен и сложен процес, постапката за негово донесување и примена ќе трае подолг временски период, заради потребата за усогласување и донесување на повеќе поврзани и зависни закони со Кривичниот законик (Законот за кривичната постапка, Законот за судовите, Законот за јавно обвинителство, Законот за прекршоците, Законот за извршување на санкциите и др.). Во меѓувреме се појавија одредени ургентни прашања за кои сметаме дека би било целисходно да бидат регулирани за пократок период. Затоа, се издвоени некои ургентни прашања и е изготвен Предлог на Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик кој би бил донесен и чија примена би отпочнала за пократок период“, пишува во образложението за новите законски измени, на кое е потпишана Викторија Аврамовска Мадиќ, заменичката во Министерството за правда, но не и министерот Кренар Лога.

Таа вчера на собраниската седница рече дека во кривичниот законик има 422 кривични дела за кои што ќе може да одговора секој што ќе се огреши по законот, „па дури и ние“.
„Тој што е добар правник сега ќе го отвори законот и ќе види дека постои злоупотреба на јавни повици, доделување на јавна набавка и самиот 1 став од 353 на никого нема да му го прости тоа што ќе ја злоуотреби службената положба, па дури и во јавна набавка“, рече Аврамовска Мадиќ.

Реакции за измените во Кривичниот законик: Тивка амнестија на осудените за криминал и корупција

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...