fbpx

Mанипулaција со изјавата на Рама – Бугарија нема да ја нападне Северна Македонија

Рама не предвидел дека такво нешто ќе се случи, туку употребил иронична шега со цел да ја спореди интеграцијата кон ЕУ на Западен Балкан и на Украина која е во војна со Русија и со тоа да ја предупреди ЕУ

-

Објавата со неодредениот текстуален дел и со фотографиите намерно манипулира со изјавата на албанскиот премиер Еди Рама, со цел да се претстави некаква воена закана од Бугарија кон Северна Македонија. Рама не предвидел дека такво нешто ќе се случи, туку употребил иронична шега со цел да ја спореди интеграцијата кон ЕУ на Западен Балкан и на Украина која е во војна со Русија и со тоа да ја предупреди ЕУ, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која манипулира со изјавата на албанскиот премиер Еди Рама дадена на Бледскиот стратешки форум, претставувајќи ја како некаква закана и предвидување за она што би се случувало во иднина.

Рама воопшто не е наивен ниту глуп, цело време (заедно со Вучич) беше свесен која е целта со театарот Отворен Балкан. Театар во кој само ретардираните Заев и Ќурка веруваа и шетаа како дворски шутови по конференции. И се разбира им продаваа приказни на уште поретардираните северџани, во која овие веруваа како привремена утеха додека се стигне до ЕУ. Сега Рама суптилно почна да го најавува она што ќе следи на Балканот, стои во објавата која ја анализираме.

Иако во текстуалниот дел не е напишано директно дека она што ќе следи би била војна помеѓу балканските соседи, на пример Бугарија да ја нападне Македонија, со прикачените фотографии, особено со насловот од Инфомакс, објавата создава перцепција дека тоа била вистинската порака од Рама, а доказ за тоа се и коментарите под објавата. Но, сето ова е манипулативно и води до погрешни интерпретации, како и говор на омраза што може да се прочита во коментарите. А фактите се поинакви.

Изјавата на Рама воопшто не беше некаква закана, ниту најава за она што би се случило во иднина. Неговата изјава беше обична иронична шега. Тој говореше за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, спомнувајќи го конфликтот во Украина и нејзиниот забрзан пат кон Унијата. Рама посочи дека Украина е потенцијален кандидат за членство во ЕУ, но дека ЕУ не треба да го занемари Западен Балкан. Рама иронично рече дека ако се земе како основа за членство во ЕУ која земја е во војна, тогаш, сите земји од Западен Балкан би се нападнале меѓусебно, само за да станат дел од Унијата. Па оттука, Рама се пошегува за тепачките меѓу балканските земји и за тоа кој прв ќе се качи на „возот на ЕУ“ … со Украина (целиот говор на Рама може да се погледне тука од 2:10 час до 3:54 час).

Гледајќи го конфликтот во Украина и нејзиниот забрзан пат кон ЕУ, се прашувам: кој кого треба да напаѓа на овој панел за побрзо од Украина да влезе во Европската Унија? И си одговарам: Бугарија лесно може да ја нападне С. Македонија без сомнение, Хрватска лесно може да ја нападне Србија, Србија – Косово, Босна може да се нападне без проблеми, ние, Албанија, можеме да бараме од Грците да не нападнат и тие со задоволство ќе го направат тоа, Црна Гора може да глуми мртва на плажа. И така ќе бидеме подготвени да влеземе заедно со Украина“, рече Рама и предизвика смеа во публиката.

 

Значи, Рама не предвиде дека Бугарија ќе ја нападне С. Македонија.

Бугарија и С. Македонија се членки на НАТО алијансата, чијашто главна цел е безбедноста и одбраната на земјите членки. Членот 5 од Договорот за членство во НАТО наведува дека „вооружен напад врз една или повеќе земји-членки се смета за напад врз сите нив“.

Страните се согласуваат дека вооружениот напад врз еден или повеќе од нив во Европа или Северна Америка ќе се смета за напад врз сите нив и, следствено, тие се согласуваат дека, доколку се случи таков вооружен напад, секоја од нив, во остварување на правото на поединец или колективната самоодбрана признаена со член 51 од Повелбата на Обединетите нации, ќе ѝ помогне на Страната или Страните кои се така нападнати со тоа што веднаш, поединечно и во соработка со другите страни, ќе преземат такви дејствија како што смета дека се неопходни, вклучително и употреба на вооружени сила, за обновување и одржување на безбедноста на северноатлантската област. Секој таков вооружен напад и сите мерки преземени како резултат на него веднаш ќе се известат до Советот за безбедност. Таквите мерки ќе бидат прекинати кога Советот за безбедност ќе ги преземе неопходните мерки за обновување и одржување на меѓународниот мир и безбедност, стои во членот 5 од Договорот.

Според тоа, може да се каже дека објавата намерно манипулира со изјавата на Рама со цел да се претстави некаква воена закана од Бугарија кон С. Македонија, иако такво нешто нема и е тешко можно бидејќи двете држави се членки на НАТО. Рама не предвидел дека такво нешто ќе се случи, туку употребил иронична шега со цел да ја спореди интеграцијата кон ЕУ на Западен Балкан и на Украина која е во војна со Русија, а со тоа да ја предупреди ЕУ.

Поради сето ова, објавата ја оценуваме како невистинита.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Конгрес на СДСМ: Пендаровски едногласно избран за претседателски кандидат

Едногласно на 27-миот Конгрес, СДСМ го избра кандидатот за претседател, Стево Пендаровски, соопшти лидерот на СДСМ, нарекувајќи го Пендаровски „вистинскиот претседател за сите граѓани и кандидат кој ги споделува...