fbpx

Клисаровска: Од денот кога сум директорка, одговорно тврдам дека секој пациент ја добил терапијата

Криминалците имаат име и презиме и затоа мора да ги заштитиме докторите и целот медицински персонал кој со посветеност ги лекувал пациентите во таа клиника, рече министерот Меџити за скандалот со Клиниката за онкологија

-

Лековите нормално е да се разредуваат во физиолошки раствор, но тоа не значи дека некому ќе се даде без лек терапија или дека ќе се преполови доза. Од денот кога сум директорка на Клиниката за радиотерапија и онкологија, ноември 2022 година, одговорно тврдам дека секој пациент ја добива терапијата и затоа ве молам да не се манипулира, пациентите премногу се вознемируваат.

Ова денеска на прес-конференција го изјави директорката на Клиниката, д-р Виолета Клисаровска, по објавите дека терапијата за болните од рак, а посебно биолошката терапија, била продавана на црниот пазар од вработени на клиниката. Таа и министерот Фатмир Меџити побараа да не се шират невистини и образложија што е направено додека тие се на функции за да нема никакви злоупотреби на клиниката.

„Најодговорно им тврдам на пациентите, откако сум јас директорка, секој пациент ја добива пропишаната потребна терапија, без никава манипулација со лековите. Сакам ова да се открие и вината да добие име и презиме. Како тим сме достапни на надлежните, за да брзо се откријат виновниците. Апелирам до нив, час поскоро да донесат одлука, да ги именуваат виновниците ако ги има. Ова за нас е многу важно за да се отфри колективната вина која сега се фрла на целата наша институција, на целиот тим, што ја руши довербата пациент – лекар, што директно се одразува на здравјето на нашите пациенти. Од името на стручниот колегиум, најостро го осудуваме секое нестручно работење со молба кон сите надлежни да не се генерализира проблемот и да се обвинува цел тим“, вели Клисаровска.

Минстерот Меџити кажа дека е потребна конструктивност за побрзо решавање на случајот.

„Криминалците имаат име и презиме и затоа мора да ги заштитиме докторите и целот медицински персонал кој со посветеност ги лекувал пациентите во таа клиника. Наш фокус е безбедноста на пациентите. Јас сум министер шест месеци, а за тоа што се случувало порано, не знам и не е во моја надлежност“, рече Меџити.

Надлежните, на прес-конференцијата уверуваа дека стручниот колегиум на Клиниката работи високо професионално, а дека со новото раководство, терапиите за секој пациент се одредуваат на седници на онколошки конзилиум.

„Во конзилиумот учествуваат колегиуте кои се раководители на соодветните оддели. Јас присуствувам на седниците на онколошкиот конзилиум. Таму се реферира пред сите, за секој пациент кој треба да започне терапија. Овде се лекови кои не се на позитивна листа. Ажурирани се клиничките протоколи. Ги следиме нашите пациенти. Сето ова го тврдам одговорно и замолувам пациентите да ни дадат можност да ја вратиме довербата“, кажа директорката Клисаровска.

На прашањето дали додека не била директор имала сознанија за препродажба на лекови и злоупотреби на терапијата, таа рече дека имала одредени сознанија по допрен глас.

Таа објасни дека откако е директорка, почнала побудно да ја следи ситуацијата со распределувањето на лековите.

„Патеката на лекот подразбира влез во нашата клиничка аптека, па до раздложување по пациент. Безбедноста во тој дел е подигната на различни нивоа, благодарение на тие мерки, откако на 28 февруари, медицинска сестра се дрзна да направи кражба, но потоа беше отстранета од работа и на 23 мај и беше испратено и отказно решение од работа. Кражбата не беше со лекови од буџет, не беше украден скап лек. Но, за мене е идентично дали некој ќе украде физилошки раствор или скап лек“, рече директорката. На прашањето зошто на медицинската сестра ѝ била дадена втора шанса, кога веќе еднаш извршила кражба на лекови во 2020 година, Клисаровска рече дека тогаш „не била директор и дека таа не дава втори шанси“.

Во врска со системот КАТО за следење и безбедно дозирање на лековите, со кои е невозможно да се изврши манипулација, Меџити кажа дека потребен е ребаланс на буџетот. Овој систем, рече тој, сега се наоѓа во посебна просторија во клиничката аптека.

„Ќе видиме дали тој систем или друг систем ќе набавиме. Ние го наследивме овој буџет и нормално треба да бидеме внимателни како го трошиме, и затоа со ребаланс би го решиле овој проблем“, рече тој.

Во однос на прашањето за големиот број пациенти кои чекаат пред Клиниката и доцнењето со прегледите, директорката Клисаровска информираше дека забележано е дека од 2017 година наваму има значајно зголемување на бројот на пациенти во Клиниката.

„Имаме повеќе од 5.000 нови пациенти во годината. Правиме околу 90.000 прегледи годишно. Ние веќе имаме и кадровски и просторни и финансиски проблеми. Среќна сум како лекар да кажам дека новите лекови кои кај нас ги има околу 30, овозможуваат паицентие да преживеат и живеат, но ние рабтиме со истиот персонал како и во 2017, кога сме имале двојно помалку пациенти. Невозможно е да се постигне, мора да причекаат“, додаде директорката.

Јавното обвинителство денеска информираше дека во предистражната постапка за евентуални злоупотреби на Клиниката за онкологија соработува и помага и раководството на Клиниката за онкологија, но и друг лекарски и медицински персонал. Од обвинителството ги охрабруваат сите лица кои имаат сознанија во врска со случајот, да ги пријават на надлежните органи.

Засега, издадени се наредби за анализа на одземените компјутери и компјутерски податоци при претресите во петокот, а истражните органи вршат распити на сите лица кои имаат сознанија за случајот. ОЈО Скопје најавува дека ќе формира тим од стручни лица кои ќе ја анализираат медицинската документација за водење на пациентите и администрирање на терапијата.

Раководството на Клиниката за онкологија и друг лекарски и медицински персонал соработува со обвинителството

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Амнестијата за „Хашките случаи“ е направена во 2011 година од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ

Во јули 2011 година Собранието со гласовите на тогашното владејачко мнозинство изгласа амнестија за четирите „Хашки случаи“. Тогаш парламентот со 63 гласа „за“ и 29 „против“ (опозициски пратеници) го усвои...