Германски „БМЗ“ ќе инвестира во земјава 65 милиони евра во фабрика за батерии

Вицепремиерот Битиќи рече дека со проектирањето на годишен извоз од над 360 милиони евра, новата фабрика на „БМЗ“ ќе значи директна придобивка за извозните способности на Северна Македонија и подобрување на трговскиот баланс

-

Нова фабрика за производство на батерии ќе се гради во земјава од страна на германската компанија „БМЗ“. Станува збор за инвестиција од 65 милиони евра, со која ќе се отворат 755 нови работни места. Вицепремиерот Фатмир Битиќи и директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Јован Деспотовски денеска престојуваа во Германија, при што во Франкфурт го потпишаа договорот за новата германска инвестиција.

Вицепремиерот Битиќи рече дека со проектирањето на годишен извоз од над 360 милиони евра, новата фабрика на „БМЗ“ ќе значи директна придобивка за извозните способности на Северна Македонија и подобрување на трговскиот баланс, но и директно учество во градењето на долгорочни и одржливи основи на економскиот раст и развој на земјата.

„БМЗ е компанија која произведува батерии и имплементира батериски системи во сектори кои во услови на интензивирана глобална транзиција кон зелена економија добиваат се понагласена пазарна вредност и можности за успех. „БМЗ“ е синоним за технолошки напредна компанија, со високо ниво на одржливост и пазарен потенцијал кои произлегуваат од нивните иновативни, висококвалитетни производи, која секоја држава би посакала да е дел од нејзиното стопанство“, изјави Битиќи.

Директорот на ДТИРЗ, Јован Деспотовски рече дека само по седум месеци од кога ја имале првата средба е потпишан инвестицискиот договор од 65 милиони евра.

„Она што е најважно е дека „БМЗ“ ќе вработи над 750 лица со плати од над 1.200 евра бруто. „БМЗ“ е и првата компанија која формално се обврзува да даде конкретна поддршка за развој на вештини кај младите во нашата земја. Ова е добар пример како граѓаните имаат конкретна придобивка од инвестициите“, рече Деспотовски.

Инаку, со овој договор во последниве 2,5 години, Владата заокружи инвестициски циклус од над 950 милиони евра и истите веќе креираат нови работни места чијашто вкупна бројка ќе достигне над 12.500.

Франција преку свои експерти ќе помага во процесот на реформи во правосудството

Министерот за правда Игор Филков одржа средба со Амбасадорот на Франција, Н.Е.Кристоф Ле Риголер на која се разговараше за соработката меѓу двете земји во областа на правосудството, проектите и...