fbpx

Реакции за скандалите на Клиниката за онкологија, се бара одговорност

Сомнежите се дека терапијата за болните од рак, а особено скапата биолошка терапија, била препродавана на црниот пазар од вработени на Клиниката

-

„Фрапантни и згрозувачки се јавно достапните информации за сомнежите за злоупотреба на терапијата за лицата болни од рак. Наместо на тие лица соочени со најтешката дијагноза да им пружи целосна поддршка и заштита, здравствениот систем очигледно потфрлил, со што е изгубена довербата не само кај тие болни, туку е доведен во прашање и квалитетот на лекување на секој иден пациент“, се вели во реакцијата на претседателот Стево Пендаровски, а во врска со обелоденетите информации во медиумите за работењето на Клиниката за онкологија.

Сомнежите се дека терапијата за болните од рак, а особено скапата биолошка терапија, била препродавана на црниот пазар од вработени на Клиниката. Ова, според објавените информации во „Фокус“ и во „Слободен печат“, било правено на начин што во системот фигурирале пациенти, најчесто блиски роднини на раководството, кои воопшто не биле болни од рак, а им биле препишувани големи дози терапија. Исто така, според пишувањата, терапија им била препишувана и на пациенти кои починале, но тоа не било заведени во системот или пак на лица кои се во терминална фаза на болеста. Оваа терапија потоа била препродавана, а со тоа, во прашање се доведува и каква терапија всушност примале вистински болните.

„Во насока на целосно расчистување на оваа огромна афера, ги поздравувам досега преземените дејствија од страна на Јавното обвинителство и МВР. Во исто време повикувам на брзо и ефикасно комплетирање на истрагата и на судско-обвинителско процесуирање без селективност и соодветна казна за сите за кои ќе биде докажано дека сториле тешки дела против здравјето на луѓето. Крајно време е системот да потврди дека сме способни во пракса, а не само со зборови да се справуваме со тешките облици на организиран криминал и корупција и конечно да ја прекинеме културата на неказнивост за сериозни прекршувања на законите“, вели Пендаровски и додава дека потполно го разбира гневот на граѓаните кои повикуваат на мирни протести, барајќи одговорност од оние кои заработувале на маките на најтешко болните граѓани.

Во меѓувреме, случајот доби и партиски контекст, па политичките партии започнаа препукувања кои се главните виновници за овие случувања. Од ВМРО-ДПМНЕ прстот го вперуваат во СДСМ, додека од владејачката партија прашуваат дали можеби опозициската партија се плаши од наодите во истрагата.

„Власта е директно одговорна за монструозниот систем за крадење на терапија од болните кој постоел на клиниката за онкологија. Ковачевски и владата нека не замајуваат со некаков “мултиетнички и мултикултурен“ криминал, туку нека дадат одговори. Зошто откако се воведени скапите терапии кои чинат од 2 до 4 илјади евра се појавува недостигот и кражбата на цитостатици и терапии за болните од канцер?Зошто кадарот на СДС Нино Васев како директор на клиниката за онкологија го укинал КАТО системот за следење на терапијата и го вратил стариот систем кој е нетранспарентен и овозможува злоупотреби? Каква била улогата на економскиот директор Нехат Нухи, кадар на ДУИ во набавката цитостатици и креирањето на листата на пациенти и зошто тој не е заменет изминатиот период, иако клиниката тонела во долгови?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозицијата прашуваат и зошто поранешните министри Венко Филипче, Беким Сали и Меџити замижувале пред евидентните злоупотреби и прекршувања на клиниката и зошто министерот Оливер Спасовски и обвинителството не реагирале навремено.

Од СДСМ пак тврдат дека после 20 години, за прв пат се спроведува една ваква обемна акција на Онкологија, се расчистува грозен криминален случај и тоа од надлежни институции и Влада предводена од нивната партија.

„Дали ДПМНЕ се плаши од наодите во истрагата? Секој криминал има свое име и презиме и одговорност на сите инволвирани ќе има. Никој нема да биде заштитен и никој нема да биде поштеден. Повикуваме да не се прави сензационализам и напад на сите доктори и медицински сестри во државата, да не заборавиме дека најголем дел од медицинските лица се извонредни, чесни и професионални кадри кои се грижат за здравјето на нашите граѓани. Политизација и злоупотреба на случајот е недозволива“, велат од владејачката партија.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во изјава за емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 го квалификуваше случајот како „злосторство“.

„Нема збор кој може да го опише тоа што се случува. Се изгубила човечката димензија, и ова се состојби кои во континуитет подолг временски период траеле“, изјави министерот Спасовски.

Тој додаде дека посебен тим од полицијата работи во координација со обвинителството, направен е целосен план и интензивно се работи на прибирање на информации во овој дел. Спасовски додаде дека бројот на лица во истрагата е поголем и дека нема да има никаква толеранција.

За денеска во 18 часот е закажан протест пред Владата за случајот со Клиниката за онкологија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...