Врвни издавачи – гости на „Скопје фелоушип“ на фестивалот ПРО-ЗА Балкан

На овој настан, првиот од големиот фестивал македонските издавачи ќе имаат можност да се сретнат со свои партнери од Европа и да договорат соработка, велат од ПРО-ЗА Балкан

Плакат: Прозарт медиа

Седуммина врвни издавачи од повеќе европски земји ќе бидат гости на програмата „Скопје фелоушип“, во 11. издание на Интернационалниот литературен фестивал ПРО-ЗА Балкан, што ќе се одржи од 17 до 20 септември во Скопје.

На овој настан, првиот од големиот фестивал македонските издавачи ќе имаат можност да се сретнат со свои партнери од Европа и да договорат соработка, велат од ПРО-ЗА Балкан.

Aгент на А.Ц.Е.Р., најстарата книжевна агенција во Шпанија и директорката за меѓународна продажба и извоз на италијанскиот гигант „Саси едиторе“, заедно со уште петмина издавачи од Европа, ќе бидат дел од програмата.

Сите учесници на програмата „Скопје фелоушип“ ќе се сретнат со претставници на Македонската асоцијација на издавачи и други домашни издавачки куќи.

Програмата е посветенa на странските издавачи, директори и програмски менаџери на фестивали, литературни агенти и скаути. Фестивалот меѓу првите во регионот воспостави програма посветена на овој профил на гости, и продолжува со несмален интензитет.

Организатор на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ е издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје. Поддржувачи на „ПРО-ЗА Балкан“ се: Министерството за култура, „Традуки“, Турскиот културен центар „Јунус Емре“, Европска Унија, Амбасадата на Словенија, Културно-информативен центар на Бугарија во Скопје, Кинотеката, Национална Галерија, СПОНА, Бовин и Умно.мк.

Програмата „Скопје фелоушип“ оваа година е дел од меѓународниот проект „Читај, сподели, уживај“, се реализира во соработка со КУД Содобност од Словенија а ко-финансиранa е од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.