Охрид е на патот да постане загрозено наследство, а политичарите си дискутираат

Фото: Мета.мк

Петмина експерти на УНЕСКО, Бернската и Рамсарската Конвенција, на крајот на април ќе дојдат во посета на Охридскиот Регион и ќе ги посетат сите „жешки точки“ на неконтролирана урбанизација и легализирани дивоградби кои го доведуваат во прашање статусот на светско културно и природно наследство на УНЕСКО. Но, не само со урбанистичкото дивеење, Охрид долго време се бори и со третманот на отпадот и отпадните води, со загадувањето на водата и изградбата на мали хидроцентрали на реките во регионот. Иако неколку пати беа посочени како проблематични, сепак, ниту плановите за реализација на Коридорот 8, кои минуваат низ недопрени делови на природа, досега не се сменети.

Списокот на проблеми со кои се соочува едно од најголемите богатства на земјава, Охридскиот Регион, е преголем за да се набројува. На него стојат и негрижата за Студенчишко Блато, Студијата за ревалоризација на Охридското Езеро, законите кои не се донесени, но и законите кои се донесени, а не се имплементираат или почитуваат.

Повеќето од најголемите проблеми на Охридскиот Регион се врзани со неспроведувањето на Планот за управување со светското наследство, сметаат од невладината организација „Фронт 21/42“, за кој велат дека не е имплементиран ниту една третина, а беше главната причина зошто Охрид не се најде на листата на загрозено наследство.

„Нема речиси никаков напредок во реализација на препораките од меѓународните тела дадени за Охридскиот Регион. Планот не придонесува за заштита, туку се злоупотребува за да продолжи и понатаму уништувањето на секоја вредност што преостанала. Документот е од 2020 година, а речиси ништо не се исполнува, иако голем дел од обврските не се врзани со обезбедување финансии, како што е, на пример, законот за управување со светско наследство што го чекаме веќе три години и за кој очигледно треба само политичка волја“, велат од Фронт 21/42.

Комисијата за светско наследство на УНЕСКО во јули 2021 година донесе одлука природното и културното наследство на Охридскиот Регион да не го впише на Листата на светско наследство во опасност. Од оваа одлука задоволни беа властите, но не и еколошките активисти.

Земјава, заедно со Албанија се обврзаа да донесат заеднички стратешки план за рехабилитација на Регионот и дополнително да го подигнат нивото на билатералната заштита и управување со светското наследство. Сега, пред новиот самит на УНЕСКО што ќе се одржи во септември во Ријад, Саудиска Арабија, повторно на дневен ред ќе се најде Охридскиот Регион и прашањето дали ќе се прогласи за светско културно наследство во опасност.

Министерката за животна средина Каја Шукова, во врска со најавената посета на странските експерти и обврските кон УНЕСКО, посочи дека деновиве ќе биде организирана средба со министерствата за култура и за транспорт и врски.

„Односот кон Охридскиот Регион секогаш бил сериозен, но овојпат малку посериозно треба да видиме до каде сме и кои чекори мора да се преземат. Има загриженост кај сите министерства, во однос на тоа дека мора да се преземат акции, особено во делот на животната средина. Има доста прашања за кои треба да се разговара и акции што треба да се преземат не само од државата, туку и од локалните самоуправи“, посочи Шукова.

Бернската конвенција во декември 2021 година отвори случај против Владата на Северна Македонија за заканите врз Емералд подрачјата Охридско Езеро и Галичица, одлука која ја поддржаа и од УНЕСКО и од Рамсарската Конвенција, од каде потврдија дека ги загрижува Нацрт-законот за прогласување на Студенчишко блато за парк на природата кој не предвидува заштитна зона околу блатото. Екологистите, покрај овој проблем, реагираат и дека Студенчишко Блато е доделено на управување на Општината Охрид, за која сметаат дека нема капацитети.

Секој извештај на меѓународните тела за Охрид во последните години, но и апелите на домашните еколошки организации се врзани со нелегалната урбанизација. Од „Фронт 21/42“ посочуваат дека Општината воведува мораториум што не спречува легализација на дивоградби, ниту пак се решаваат проблемите со дивите платформи во езерото, кои ги има дури и во Свети Наум.

Петте експерти, од кои двајца на Бернска, по еден од Рамсарска Конвенција и УНЕСКО и еден независен, во земјава ќе стигнат на 25 април и ќе престојуваат три дена. Агендата им е набиена, бидејќи листата на локации што ќе мора да ги посетат и точки што ќе треба да ги дискутираат е предолга.

„За неколку месеци на јавноста ќе ѝ биде достапен и нивниот извештај со препораките, кои се очекува Постојаниот Комитет на Берската Конвенција да ги усвои на следното годишно собрание во декември. Тие, како и сите досегашни нивни одлуки, ќе бидат задолжителни за земјава, која е потписник на конвенцијата“, посочуваат од „Фронт 21/42“.

Mинистерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на гостување во МРТ, денеска информираше дека земјава и Албанија изготвиле извештај за Охридскиот Регион, што во февруари е поднесен до УНЕСКО и за кој вели дека ја нотира реалната состојба во трите општини Охрид, Струга и Дебрца.

„Ставањето на листата за културно наследство во опасност, за нас како држава и како институции ќе значи пред се многу поголем мониторинг на сето она што го работиме и поголем пристап до фондовите кои би можеле да ги користиме. Ако бидеме ставени на таа листа можеби тоа ќе придонесе конечно ќе се освестиме и да бидеме поажурни во работата“, смета Костадиновска-Стојчевска.

Таа потврдува дека обврската за доставување на инвентар на дивоградби ја исполниле само Охрид и Дебрца, а не и Струга. Оваа општина од 2005 година нема ниту обновен урбанистички план, заради што министерката најави можност државата да им помогне преку своите институции, како Агенцијата за просторно планирање или министерствата за транспорт и врски и животна средина.

„Мора да има одговорност. Не значи дека ако Општина Струга не поднела извештај за дивоградби, не може да се побара независно одлучување како што беше случајот со хотелот „Палас“, за кој е побарано УНЕСКО да испрати советодавна комисија која стриктно ќе одговора на прашањето за хотелот „Палас“, рече Костадиновска-Стојчевска.