Бернската конвенција отвори случај за закани врз Охридското Езеро и Галичица

Photo by Xhemal Vata on Unsplash

Бернската конвенција отвори случај против Владата на Северна Македонија за заканите врз Емералд подрачјата Охридско Езеро и Галичица. Жалбата е поднесена уште од 2016 година од страна на граѓанска организација „Фронт 21/42“, а по последните алармантни случувања поврзани со дивоградбите и урбанизацијата во заштитеното подрачје, Конвенцијата одлучи да отвори случај против државата.

Граѓанските активисти се согласни дека ова е голема победа за граѓанското општество со која треба да се спречат огромните закани за едно од најстарите езера во светот, отпадот, загадувањето, дивоградбите и урбанизацијата и падот на нивото на водата.

„Штотуку заврши 41 состанок на Постојниот Комитет на Бернската Конвенција при Советот на Европа, на кој се усвои одлука да се отвори случајот кој го поднесе ‘Фронт 21/42’ за заканите врз Охридското Езеро и Галичица. Отворањето на новиот случај против С. Македонија следи откако пред три дена нашата организација ги презентираше аргументите од жалбата пред Комитетот и државите потписнички на Конвенцијата, а претставникот на државата извести за мерките за заштита кои ги спроведува земјата“, велат од „Фронт 21/42“.

Фото: Фронт 21/42

Наводите во жалбата и извештаите на „Фронт 21/42“ ги потврдија и телата на двете други меѓународни конвенции кои го заштитуваат нашето најголемо природно богатство – УНЕСКО и Рамсарската Конвенција. УНЕСКО ја сподели загриженоста од одлуката на Комитетот за Светско наследство да не го впише Охридскиот регион во Листата на светски наследства во опасност, додавајќи дека аргументите за прогласување на подрачјето за наследство во опасност се неспорни, а државата веќе доби дополнително време.

Од Рамсарската Конвенција, на чија листа од оваа година се Охридското езеро и Студенчишко блато, потврдија дека ги загрижува Нацрт-законот за прогласување на Студенчишко блато за парк на природата кој не предвидува заштитна зона околу блатото.

„И покрај неколкуте интересни активности за кои извести Владата, Комитетот беше длабоко загрижен за состојбата на двете подрачја опишана од страна на подносителот на жалбата и меѓународните организации. Следејќи го барањето на подносителот на жалбата, кое беше поддржано од неколку држави-потписнички, Постојниот Комитет одлучи да ја унапреди жалбата во отворен случај“, се вели во одлуката на Постојниот Комитет.

Се очекува, посочуваат од организацијата „Фронт 21/42“, на пролет во Охридскиот Регион да дојде мисија на Бернската Конвенција која ќе ја процени состојбата на терен и додаваат дека отворањето на случајот доаѓа во вистинско време и носи надеж за спас на нашето најголемо природно богатство.