УНЕСКО не го прогласи Охридскиот Регион за загрозено подрачје

Фото: Архива на Мета

Комисијата за светско наследство на УНЕСКО, денеска, на својата 44 сесија, која се одржува во Фуџу, Кина, донесе одлука Природното и културното наследство на Охридскиот Регион да не биде впишано на Листата на светско наследство во опасност. Граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ е незадоволна од ваквата одлука.

Со оваа одлука, Северна Македонија и Албанија се обврзаа да донесат заеднички стратешки план за рехабилитација на Регионот и дополнително да го подигнат нивото на билатералната заштита и управување со светското наследство.

Во своето обраќање на денешната сесија на Комисијата на УНЕСКО, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, заблагодарувајќи се за поддршката, рече дека ќе се вложат неопходните напори за заштита на Охридскиот Регион.

“Би сакал да се заблагодарам на Комитетот на УНЕСКО што ги препозна нашите напори и го одобри предложениот амандман со кој ни се одобрува дополнителен период за завршување на започнатите работи и потполно исполнување на добиените препораки. Сепак, ова значи дополнителна одговорност, затоа сега е време навистина да работиме заедно и да се осигураме дека во иднина нема да се најдеме во ваква ситуација. Затоа ги поканувам сите чинители, приватниот сектор, локалната самоуправа, сите граѓански организаци, да соработуваат и да го дадат својот придонес кон заштитата на езерото и целиот регион“, рече Нуредини.

Преземање мерки вети и Ирена Стефоска, министерката за култура и претседателка на Националната комисија на УНЕСКО.

„Остануваме впишани на престижната листа на УНЕСКО. Но, ако целото крајбрежје, целото културно наследство, ако нашите Охрид, Струга и Дебарца не се впишани во нашите срца, бадијала е впишувањето или отпишувањето од која било листа“, изјави Стефоска.

Министерката порачува дека оваа одлука е последен момент, последен аларм да се интензивираат активностите на сите засегнати страни со цел да се зачува статусот на Охридскиот Регион.

Покрај засилената конкретна соработка со Албанија, во периодот кој претстои, Стефоска вели дека ја засилуваме соработката и координацијата со Центарот за светско наследство и советодавните тела на УНЕСКО, како и со Европската Унија и другите стратешки партнери со цел соодветна рехабилитација и управување со Охридско-Струшкиот Регион.

Од невладината иницијатива „Охрид СОС“, пак се незадоволни од одлуката да не се даде статус на загрозеност на Охридскиот Регион. Тие се обратија со писмо до учесниците на денешната седница на Комисијата за светско наследство на УНЕСКО.

„Прво, во врска со вчерашните изјави од страна на неколку држави врз граѓанскиот сектор, ве потсетуваме вас од Комитетот за светско наследство дека зависите од нас за да задржите барем привид за вашиот кредибилитет кој сѐ повеќе еродира, како и за вашата способност да го заштитите светското наследство.

Второ, на претставниците на граѓанското општество мора да им биде дозволено да зборуваат пред усвојување на одлуките.

Трето, во 2019 година со вашата одлука за Охридскиот Регион овозможивте дополнителни две години бетонирање на брегот на Охридско Езеро, дополнителни две години влевање гнасотии во неговите води и дополнителни две години трупање на отпадот во супстандардните депонии во неговиот слив. Исто така, прифативте дополнителни две години изговори, одложувања, лажирање, заблуди и кревки планови кои обезбедуваат доволно заштита само на експлоатацијата. Во 2021 г. со висока веројатност го овозможивте истото.

Исклучителната универзална вредност му припаѓа на целото човештво. Кога ќе сфатите дека со овие ваши постапки губите и вие?“, порачаа еко-активистите.