Бернската конвенција бара Владата да им потврди термин за проценка на состојбите во Охрид

Фото: Архива на Мета.мк

Бернската конвенција побарала македонските власти да прекинат со сите активности во Охрид, сè додека нивната мисија, на која ќе ѝ се приклучат и претставници на УНЕСКО и Рамсарската конвенција, не дојдат во планираната посета за да ја видат фактичката ситуација. Еколошката организација „Фронт 21/42“ денеска информира дека Бирото на Конвенцијата во последниот извештај ја опоменува Владата дека не само што не ги доставува задолжителните извештаи до конвенцијата, туку, во дадениот рок, не им дала ниту повратен одговор кога може да се реализира планираната проценка на терен.

Од Бернската конвенција побарале земјава итно да го достави својот повратен одговор и да не ја одлага и понатаму посетата на нивната мисија. Бирото го задолжило и Секретаријатот на конвенцијата да го контактира постојниот претставник на С. Македонија во Стразбург, доколку државата продолжи да не доставува одговор.

Извештајот на Бернската конвенција од првиот состанок на Бирото годинава, на кој се разгледуваше и новоотворениот случај против С. Македонија за заканите врз Охридското Езеро и Националниот парк „Галичица“, беше објавен минатата недела.

Од „Фронт 21/42“, кои се и подносители на жалбата, информираат дека Бирото посебно ги истакнува дивоградбите, нацрт измените на Законот за урбанистичко планирање, нацрт-законот за Студенчишко Блато, плановите за понатамошна урбанизација во регионот, Коридор 8, и последните стратегии, како Стратегијата за развој на туризмот во Општина Охрид – опоменувајќи ја власта дека речиси сите активности кои ги спроведува се спротивни на препораките на УНЕСКО.

„Бирото повторно побара Владата на Северна Македонија да заземе холистички и долгорочен пристап во планирањето на проекти во областа на светското наследство и подрачјата кои се кандидати за Емералд мрежата, бидејќи краткорочните финансиски придобивки нема да донесат долгорочен успех откако природата и убавината на овие области неповратно ќе се уништат“, се вели во одлуката на Бернската конвенција.