fbpx

Одговорност за заштита на приватноста и личните податоци споделуваат институциите, граѓаните и бизнисите

Ако порано вредноста беше во парите или во скапоцените камења, денеска тоа се податоците. Внимавајте како ги давате, за некои да не прават милиони со вашите податоци, порачува министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу

-

Личните податоци на граѓаните и повредата на нивната приватност за некој може да значи и нечесна заработка што се мери во милиони, а во други случаи, нивната злоупотреба може да предизвика многу проблеми на засегнатиот. Затоа е важно, покрај другите одговорни, и институциите да ја сфатат нивната важност и да се спроведуваат вистинските мерки за нивната заштита и никако не смеат да остават тоа да остане само на хартија. Но, подеднакво толку е важно и граѓаните самите да се едуцираат, но и да добиваат соодветни совети од надлежните, бидејќи денеска во дигиталната ера повредата на приватноста може да се направи многу лесно.

Вакви пораки, меѓу другото, беа упатени од денешната конференција во Скопје „Заштита на приватноста во дигиталната ера: Во потрага по заеднички решенија“, која што беше завршен настан на проектот „Техничка и интегрирана заштита на личните податоци – градење инклузивен дигитален екосистем“, спроведуван од Фондацијата Метаморфозис и Здружението Конект со финансиска поддршка од Европската Унија.

Фото: Марко Угарковиќ/Фондација Метаморфозис

Читањето и пишувањето заменети со користењето дигитални алатки и кибербезбедноста

Министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, отворајќи ја конференцијата, посочи дека ако порано во секојдневната работа било барано правилно и брзо да се помни и да се пишува, денеска во дигиталната ера на нив како на основни вештини им се приклучуваат и оспособеноста како да се користат дигиталните алатки и како информациите да се чуваат безбедни.

„Денес имаме нов предизвик – дигитален профил, а тој веќе станува многу важен во време на дигитализација. Тој е сега важен, ако не и најважен во однос на услугите што граѓаните ги бараат од државата, но за 10 години на прво место ќе биде вашиот дигитален профил. Затоа сега цел екосистем – и Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), и институцииите, и бизнисите и невладиниот сектор, мора да работат за да се едуцираат младите, но и другите за дигиталната ера“, посочи министерот Алиу.

Тој нагласи дека за МИОА еден од главните предизвици е безбедноста на дигиталните услуги и безбедноста на личните податоци. За тоа да се постигне, нагласи тој, потребно е граѓаните да се убедени дека дигиталните услуги се безбедни, а сега јавната свест е сосема поинаква. Во таа насока, министерството работи на предлог-закон за кибербезбедност, којшто ќе ја опфати и заштитата на личните податоци.

Ова решение треба да опфати брз и безбеден достап до интернет, односно и до дигиталните услуги, за секој граѓанин на земјава до 2030 година, но и унифицирање на инфраструктурата и процесите на институциите. Следен клучен столб што треба да се изгради со овој закон е поголема кибербезбедност, од која неизоставен дел е и ракувањето со личните податоци на граѓаните.

Како посебно важен елемент што треба да се изгради е обучувањето и на јавната администрација и на граѓаните за дигиталната ера, рече тој.

Фото: Марко Угарковиќ/Фондација Метаморфозис

„Направивме еден неформален тест во една институција, не би кажувал сега која, и видовме дека над 85 проценти од вработените немаат основни познавања за протоколите и за техничките решенија. Кај граѓаните, пак, сега има многу ниско ниво на користење на дигиталните услуги, за што добиваме одговор дека граѓаните не веруваат дека таа технологија е безбедна. Затоа, првин треба да се осигураме дека има безбедна инфраструктура, а потоа тоа уверување да се пренесува на граѓаните“, порача министерот Алиу.

Тој упати и апел до граѓаните да бидат внимателни во дигиталната сфера и да се обидуваат да научат како да се заштитат. Како основен чекор, рече министерот Алиу, лозинките треба да имаат најмалку 8 знаци – букви, бројки и други знаци, потоа да се применува двојна автентикација, и најбитно од се, граѓаните внимателно да ги читаат условите за користење дигитална услуга или некоја апликација, за да проверат како ќе бидат користени нивните податоци, од кои личните податоци се од најголема важност.

„Ако порано вредноста беше во парите или во скапоцените камења, денеска тоа се податоците. Внимавајте како ги давате, за некои да не прават милиони со вашите податоци“, рече министерот за информатичко општество и администрација.

Со согледувања за важноста на дигиталната безбедност и приватноста и напорите на ЕУ во таа сфера, но и за помошта од Унијата за земјава да го достигне потребното ниво, зборуваше Мариа Канелополу, Прв советник во Делегацијата на ЕУ во Скопје. На напорите и работата на Агенцијата за заштита на лични податоци се осврна Леонора Кадрији, генерален секретар на Агенцијата.

Некогаш треба да се пазиме и од компаниите

Одговорноста на компаниите е главна тема на работата на здружението „Конект“, посочи Никица Кусиникова, извршна директорка на здружението, и затоа во рамките на проектот се осврнале на работата на компаниите во поглед на користењето на технологијата и вештачката интелигенција од нивната страна и заштитата на приватноста на граѓаните, како едно од човековите права. Во тоа треба да се вклучи и државата, но и правосудството, оти, рече таа, не може работите да се остават само на етичноста на компаниите.

„Ако некоја компанија развива софтвер или некое решение, таа не може да се апстрахира и да каже „Јас го креирав, а како корисниците го користат, тоа е нивна грижа“. Принципите се компаниите да ја вградат заштитата на приватноста во производите, а државата да нѐ заштити од злоупотреби. Тоа ги вклучува и правобранителите“, порача таа.

Некогаш и државата може да влезе во злоупотреба на алатките за свои цели со кои ќе ја наруши приватноста, рече Кусиникова, посочувајќи на примерот на некои алатки развиени во пандемијата КОВИД-19 за да може граѓанинот да види дали има заразени во негова близина, подоцна се преработени за да може државата да идентификува луѓе што учествуваат во протести.

„А тоа е кршење на приватноста“, посочи Кусиникова.

Фото: Марко Угарковиќ/Фондација Метаморфозис

Приватноста не е мртва, таа е жива и вредна

Кога зборувам со пријатели за дигиталната ера и за приватноста, слушам „Веќе нема приватност, таа е мртва“. Јас не мислам така и сакам да се смени тоа мислење, оти приватноста денеска е жива оти е многу вредна, бидејќи таа се монетизира, посочи Бардил Јашари, извршен директор на Фондација „Метаморфозис“ во своето излагање на отворањето на конференцијата.

Тој зборуваше за три работи од извонредна важност за „Метаморфозис“ и за него лично. Прво и најважно, рече тој, е обезбедувањето на вистински мерки за заштита на приватноста, а тоа не може да го направи само еден фактор.

„Прво, во овој дигитален екосистем припаѓаме сите ние, не само Агенцијата за заштита на личните податоци, МИОА, МВР. Тука се и академската заедница, граѓанските организации, и треба сите да се вклучиме во создавање правна рамка за заштита. На заштитата на личните податоци и на приватноста не треба да се гледа само на некои „силоси“, на посебни делови, туку треба заедно да се работи на тој безбедносен периметар што ќе ги заштити нашите лични податоци, треба тоа да се сфати како нешто заедничко, вклучувајќи ги и граѓаните“, нагласи Јашари, напоменувајќи дека „Метаморфозис“ работела на тоа и со институциите и пред овој проект, а ќе продолжи да работи и понатаму.

Граѓаните треба да бидат внимателни пред да остават некаде лични податоци, но и голем дел од нив допрва треба да научат дека заштитата на личните податоци не значи дека никој не смее да ги дознае, нагласи извршниот директор на „Метаморфозис“.

Фото: Марко Угарковиќ/Фондација Метаморфозис

„Со користењето на дигиталните алатки, нашиот дигитален белег е уште поголем и токму затоа е многу битно да се грижиме за нашата приватност. Да ги читаме правилата на користење, да видиме тие на коишто им даваме податоци како ќе ги користат, треба да ги контролираме. Да кажеме ‘само за ова дозволувам да ги користиш моите податоци’. Секако, треба да се заштитуваме заедно, сите напоменати фактори да градиме таков екосистем каде сите ќе се чувствуваме безбедно да ги користиме дигиталните алатки и никој да не остане надвор од тој екосистем, не само поради немање алатки, туку и поради немање знаења“, порача извршниот директор на Фондација „Метаморфозис“, Бардил Јашари.

Обуката на офицерите за лични податоци треба да биде постојана

Во втората сесија на денешната завршна конференција „Заштита на приватноста во дигиталната ера: во потрага по заеднички решенија“, за предизвиците со кои се соочувале од почетокот на нивното назначување, но и денес, како и за некои ситуации во поглед на заштита на приватноста, зборуваа четири офицери за заштита на личните податоци. Весна Радиновска, проектен менаџер во Фондација „Метаморфозис“, на почетокот објасни дека од почетокот на проектот досега, со обуки и менторство биле опфатени 70 офицери од различни институции.

Фото: Марко Угарковиќ/Фондација Метаморфозис

Марија Бабан, офицер за заштита на лични податоци во Општина Куманово, посочи дека со нејзината колешка Андријана Лукаревска, покрај останатите работни обврски, ги имаат задолженијата и како офицери за лични податоци, и веќе четири месеци вршат обуки за над 250 вработени во општинската администрација, бидејќи и двете се убедени дека заштитата на лични податоци е од огромна важност. Таа се заблагодари на Фондација „Метаморфозис“ за помошта дадена преку обуките и консултациите и посочи дека е потребно посеопфатно вмрежување на офицерите заради поголема соработка и меѓусебна поддршка.

Како посебен пример од секојдневната работа, таа го спомена видео надзорот.

„Навистина многу внимаваме што се снима, кој може да ги гледа снимките и како се работи со материјалите и како и колку се чуваат“, напомена Бабан.

Копиите од лични карти честопати завршуваат во корпа, наместо да се уништат

Диана Ристовска-Додевски, офицер за заштита на лични податоци во Министерство за здравство, една од најголемите институции во земјава, исто така се заблагодари на „Метаморфозис“ за можностите за обуки и поддршка, но посочи дека потребата за обуки е многу поголема и апелираше Агенцијата за заштита на личните податоци да овозможува бесплатни обуки и за други офицери за лични податоци, а не само за првиот офицер.

Укажувајќи на огромниот број на можности личните податоци на граѓаните да бидат злоупотребени, Ристовска-Додевски како нејзини клучни секојдневни задачи ги посочи грижата и едукацијата за спречување на можна злоупотреба на матичните броеви и на видеоснимките.

„Изненадена сум од огромната помош што ни ја даде „Метаморфозис“ во овие година и половина како сум на позицијата офицер, при што со нив чекор по чекор ги поминувавме и ги учевме сите работи од почеток. Истовремено, би сакала да побарам Агенцијата за заштита на личните податоци соодветно да реагира со предупредувања – често се случува нечија лична карта да биде фотокопирана, а потоа кога копијата треба да се уништи, таа само се фрла во корпа, со што лесно од друго лице би можела да биде злоупотребена“, рече таа, на крајот давајќи интересен пример за тоа колку луѓето не ги познаваат границите на заштита на приватноста.

„Имаше еден човек што бараше да гледа видеоснимки, за да види каде сè одела неговата сопруга на клиника. Веднаш го предупредив дека тоа не е законски дозволено, а ако смета поинаку, треба да поднесе писмено барање, но тоа не значи дека ќе му биде одговорено позитивно, туку само ако има сериозна законска причина“ за таквото барање, посочи Ристовска-Додевски.

За нивните искуства и спроведените мерки во институциите во коишто работат, зборуваа и Маја Дамевска, офицер на лични податоци во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, и Дениз Османи, офицер за заштита на лични податоци во Државниот просветен инспекторат.

 

Овој текст е подготвен со поддршка на Европската Унија. Содржините во овој текст се единствена одговорност на партнерите на проектот „Техничка и интегрирана заштита на лични податоци – градење инклузивен дигитален екосистем“ и на авторот и на ниеден начин не ги одразуваaт ставовите на Европската Унија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...