Месечно по три лица сo обвинение за злоупотреба на лични податоци

Ова кривично дело го врши тој што спротивно на условите утврдени со закон, без согласност на граѓанинот прибира, обработува или користи негови лични податоци. За ова кривично дело предвидена е парична казна или казна затвор до една година

Фото: KeepCoding on Unsplash

Во текот на минатата година, во основните јавни обвинителства низ државата биле примени 86 кривични пријави за Злоупотреба на лични податоци од член 149 од Кривичниот законик, од кои 39 биле решени со поднесено обвинение или предлог за издавање казнен налог, се вели во анализата на Јавното обвинителство.

Во 2022 година, пак, во обвинителствата биле примени 88 кривични пријави за злоупотреба на лични податоци од кои решени со поднесување обвинение или казнен налог биле 31.

Илустрација: Јавно обвинителство

Ова кривично дело го врши тој што спротивно на условите утврдени со закон, без согласност на граѓанинот прибира, обработува или користи негови лични податоци. За ова кривично дело предвидена е парична казна или казна затвор до една година.

Со истата казна се казнува и тој што ќе навлезе во компјутерски информатички систем на лични податоци со намера користејќи ги за себе или за друг да оствари некаква корист или на друг да му нанесе некаква штета.

Ако ова кривично дело го врши службено лице на вршење на службата,
тогаш казната е од три месеци до три години затвор. Обидот да се злоупотребат лични податоци исто така е казнив.

Злоупотребата на личните податоци често се врши за подигање брзи кредити, во туѓо име. Месецов полицијата поднесе кривична пријава против 45-годишна стружанка, која во текот на 2023 година, користејќи лажен идентитет, отворила две фирми во Струга, по што склучила договор за вработување со три лица. Таа потоа ги искористила нивните податоци и во нивно име извршила електронско аплицирање за брзи кредити. Одобрените пари потоа ги префрлала на друга трансакциска сметка и ги користела за свои потреби.

Првостепена судска пресуда беше донесена и за фирмата која продаваше чаеви, користејќи лични податоци од доктори, без нивна дозвола и без нивно знаење.

Лани во декември, полициски службеници уапсија 28-годишник од кичевското село Аранѓел. Тој, со лична карта на друго лице и без добиена согласност, се обидел од кредитно друштво во Кичево да подигне кредит и на тој начин да се стекне со протиправна имотна корист. При преглед кај него, полициските службеници ја пронашле и одзеле личната карта.

Битолската полиција, неодамна поднесе пријава против прилепчанец кој на својот Фејсбук профил објавувал видео записи и статуси за жена од Битола и за нејзиното семејство. Тој, како што соопшти полицијата, од нејзиниот профил и профилот на нејзиниот сопруг преземал фотографии и без нивна согласност ги споделувал на неговиот профил на социјалната мрежа, а воедно објавувал и видео записи на неговиот профил, упатувајќи им закани.

Од Обвинителството велат дека сè уште работат на дел од поднесените кривични пријави од полицијата.