fbpx

Нема доволно докази за тврдењата на кинески виролог дека корона вирусот е создаден во лабораторија

-

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, но и во светот.

Грчкиот сервис за борба против дезинформациите ellinikahoaxes.gr анализира новa појава од категоријата тврдења дека новиот корона вирус SARS-CoV-2, предизвикувачот на болеста ковид-19, е вештачки создаден, како биолошко оружје.

Ваквите тврдења се појавија уште во јануари годинава, кога болеста почна да се шири од Кина во други држави и повеќепати досега било раскринкано.

Интересно е што најновата „епизода“ од оваа теорија за заговор како главен извор има една кинеска научничка, виролог, чии што тврдења се изнесени уште минатиот месец. Станува збор за Ли Менг Јан, а извор на новото ширење на теоријата за заговор се две лично нејзини анализи објавени во изминативе неколку месеци.

Објавите од некои грчки веб-сајтови и блогови споделени и на Фејсбук се дека Ли Менг Јан, со титула доктор на медицински науки, која работела во референтна лабораторија на Светската здравствена организација (СЗО), откако претходно работела на универзитетот на Хонг Конг, објавила и втор извештај во кој вели дека SARS-CoV-2 не само што е создаден во Вухан, туку е и „постојано биолошко оружје“ (односно дејствува постојано), а кој бил намерно пуштен од лабораторија.

Главните јавни настапи на Ли Менг Јан во последните неколку месеци почнаа со интервју за „Фокс Њус“ во јули годинава. Во септември, пак, се појави во британската емисија Loose Women а потоа пак гостуваше во емисијата на Такер Карлсон (Tucker Carlson), исто така на Фокс Њус (видео 1, видео 2, видео 3). Потоа почнаа и споделувањата на социјалните мрежи на материјалите од нејзините настапи.

На 11 јули Универзитетот на Хонг Конг издаде официјално соопштение во кое вели дека иако Ли Менг Јан била на пост-докторски студии на универзитетот, не се точни нејзините тврдења дека во декември 2018 и во јануари годинава вршела истражување за пренесувањето на новиот корона вирусот меѓу луѓето.

Инаку, што се однесува до тврдењата на научничката, главното нејзино тврдење е дека SARS-CoV-2 е резултат на генетска модификација направена во лабораторија во кинескиот град Вухан, каде што изби пандемијата, и потоа виусот е пуштен меѓу луѓето како биолошко оружје, за намерно предизвикување пандемија. Во нејзините настапи Ли Менг Јан тврди оти има докази дека SARS-CoV-2 не е резултат на природна еволуција, односно тоа го кажува и во нејзините два извештаја, објавени на 14 септември и 8 октомври (извор 1, извор 2).

„И двата извештаја се објавени на веб-сајтот Zenodo, кој е отворена база на податоци каде што секој може да објави личен извештај за нацрт-студија. Но содржината и на двата извештаја на Ли Менг Јан не е оценета од нејзини колеги, а исто така, тие не се објавени во научно списание што го спроведува принципот на колегијална рецензија. Дури напротив, откако беше објавен нејзиниот извештај, тим експерти ги коментираше и ги отфрли податоците презентирани од Ли Менг Јан, оценувајќи ги како непотполни и без доволна научна поткрепа. Исто така, како што е наведено на насловната страница на двата извештаја, истражувањето не е поддржано од ниту едно официјално научно тело, иако има поврзаност со Здружението за владеење на правото, коешто е политичка организација и нема никаква поврзаност со кој било истражувачки институт“, пишува ellinikahoaxes.gr

Содржината на Фејсбук-постовите со кои се изнесуваат тврдењата на Ли Менг Јан се дека во лабораторијата во која што работела, се користеле биолошки податоци и длабоки анализи за да се докаже дека новиот корона вирус е лабораториски производ, создаден со користење на стандардните вируси ZC45 и ZXC21, коишто припаѓале на воени истражувачки лаборатории под контрола на Кинеската Комунистичка партија.

Но, ова тврдење на кинеската научничка е проблематично, бидејќи разликите во генетскиот материјал меѓу двата вируса и SARS-CoV-2 се толку големи што се чини практично невозможно дека тие биле искористени за генетска модификација и создавање на новиот вирус.

Во спорните објави анализирани од грчкиот сервис за борба против дезинформациите понатаму се тврди дека „теоријата оти вирусот RaTG13, којшто служел како основен елемент за докажување дека SARS-CoV-2 има природно потекло, е неточна“.

„Не бил изолиран ниту еден таков (чист) вирус или дури и недопрен геном на RaTG13. Затоа, единствениот доказ за постоењето во природата на RaTG13 е неговата геномска секвенца, објавена во GenBank“, гласат тврдењата изнесени во спорните постови на Фејсбук на грчки јазик.

Но ваквото тврдење е извртување на вистината, пишува ellinikahoaxes.gr. Иако е точно дека е достапна геномската секвенца на RaTG13, тоа во никој случај не е „клучниот доказ“ во одбраната на позицијата дека новиот корона вирус не е создаден во лабораторија. (извор 1, извор 2)

Според обемната студија “The proximal origin of SARS-CoV-2” која беше објавена во март во списанието „Нејчер“:

„Ако генетска модификација се случила, најмалку еден од многуте реверзни генетички системи применливи за β корона вирусите би биле искористени. Сепак, генетските податоци покажуваат вон секаков сомнеж дека SARS-CoV-2 не произлегува од претходна рамка на вирусна генетика“, се вели во студијата.

Едноставно кажано, ако вирусот е создаден, би имало докази дека се користени одредени генетски алатки, што тука не е случај.

Покрај тоа, наведува ellinikahoaxes.gr, иако RaTG13 има речиси 96 отсто генетска сличност на SARS-CoV-2, тој има абнормалности во мембранските протеини што дозволуваат да се сврзува со клетките. Според истражувачите, Pangolin-CoV покажал многу поголема сличност на SARS-CoV-2 во однос на неговата способност да се поврзува со клетките. Всушност, тоа што SARS-CoV-2 има голема сличност со голем број вируси е дополнителен аргумент за тезата дека се појавил во природата, преку мутации (извор 1, извор 2, извор 3, извор 4).

Накратко земено, заклучокот оти не е можно SARS-CoV-2 да бил создаден во лабораторијата не доаѓа од само едно тврдење, туку од прегледувањето на многу различни параметри.

Покрај Фејсбук-постовите, во областа на Атина, главниот град на Грција, се распространувал памфлет којшто исто така содржи теорија за заговор, а се фокусира на тврдењата на Ли Менг Јан. Истиот памфлет, но на англиски јазик, се распространувал во Австралија.

Во својот заклучок ellinikahoaxes.gr вели дека според досега познатите податоци, нема доволно докази дека новиот корона вирус SARS-CoV-2 е производ на генетски инженеринг, а пак големиот број студии што го истражуваат природното потекло на вирусот, служат како уште еден аргумент дека не станува збор за лабораториска интервенција.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Не е точно дека француски трупи пристигнале во украинскиот град Славјанск

Станува збор за некритички пренесена вест од опскурен Телеграм канал „Воена хроника“, непознат во пошироката јавност, а неговата релевантност и кредибилност се под голем знак прашалник. Оваа вест не ја...