Проверувачите на факти од „Ellinika Hoaxes“ го добија спорот со Грчката асоцијација на физичари

Зографос и неговиот „изум“ во неколку наврати е тема на новинарски емисии, па дури и американската јавна телевизија Пи-би-ес известува за неговиот уред. Па, наместо да се користи научниот метод (експеримент и проверка), преку објави на телевизиски емисии Зографос ја бара легитимноста на својот изум

Фото: Photo by Wesley Tingey on Unsplash

Организацијата за проверка на факти „Ellinika Hoaxes“, од соседна Грција, го доби долгогодишниот спор со Грчката асоцијација на физичари. Со одлука на апелациониот суд по вторпат се отфрла тужбата за морална штета, неовластена обработка на лични податоци и клевета. Во 2019 година Грчката асоцијација на физичари го започна спорот заради две анализи на „Ellinika Hoaxes“, барајќи 700 илјади евра отштета. Во првата анализа се дебанкира функционален електричен генератор на вода, додека втората се однесува на „квантно лекување“ преку псевдонаучен мистицизам и генетска супериорност на „грчката ДНК“, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Грчката организација за проверка на факти „Ellinikа Hoaxes“ деновиве (26.01.2024)  извести дека го добиле спорот со Грчка асоцијација на физичари. Со второстепената одлука на судот, повторно се отфрла тужбата на асоцијацијата на физичари, според која анализите на „Ellinika Hoaxes“ нанеле морална штета, неовластено биле обработувани лични податоци и се клеветат личностите кои се фокус на анализите – особено одборот на директори. За ваквите тврдења изнесени во рецензиите, а за кои Грчката асоцијација на физичари смета дека се лажни, од споменатата асоцијација бараа отштета од 700 илјади евра.

Од  организацијата „Ellinikа Hoaxes“ којашто е потписничка на „International Fact-checking Network“ (IFCN), наведуваат:

Сметаме дека оваа конечна судска пресуда е клучна заштита за слободата на медиумите, промовирајќи намерна критика, без оглед на статусот или квалитетите на вклучените поединци или субјекти. Пред сè, служи за заштита на влијателната и предизвикувачка работа што ја вршат проверувачите на факти.

 

Две анализи, една тужба

Но, зошто воопшто е покрената тужба, што е спорното во овие две анализи?

Како што се наведува на страната на „Грчката асоцијација на физичари“, асоцијацијата е основана во 1930 година и е дел од „Европската асоцијација на физичари“. Ваквиот тип на асоцијации најчесто имаат за цел да се развие научното истражување во областа, стандардизира професионалниот кодекс на однесување во физичките науки, развивање на педагошки програми во областа и слично. Но, како што наведува еден од основачите на „Ellinikа Hoaxes“, Танос Ситистас:

…во изминатите неколку години беа инфилтрираи луѓе  [во асоцијацијата н.з.] кои промовираат псевдонаука. Случајот со „изумот“ [електричниот генератор на вода], кој беше промовиран со помош на еден од најпознатите грчки новинари, беше капката што ја прели чашата. Почитувани научници почнаа да се јавуваат и ја изразија својата огорченост за патот по кој оди Асоцијацијата.

Па така, поради тоа што поединци во одборот на Асоцијацијата на физичари поддржуваа и застапуваа сомнителни изуми и книги со научно неподдржани содржини,  беа критикувани во две анализи (1, 2).

Фокус на првата анализа е изум што покажува функционален електричен генератор базиран на вода, којшто нема загуба на енергија при хидролиза. Тоа значи дека овој генератор, со самото додавање на „горивото“ – вода, може да произведува навидум неисцрпна електрична енергија. Затоа, фокусот на рецензијата е токму на овој мал уред, т.е. генератор.

Изумителот на уредот, Петрос Зографос, во неколку наврати покажува како ја пие водата што ја додава до генераторот, небаре тоа е доказ за автентичноста на експериментот. Како што наведувааат проверувачите на факти од „Ellinikа Hoaxes“, покрај тоа што не се посочува деталната методологија за тоа како е произведен самиот уред, не е поднесено и никакво истражување во научно списание каде стручњаци од истото научно подрачја ќе може да ги потврдат наодите. Зографос и неговиот „изум“ во неколку наврати е тема на новинарски емисии, па дури и американската јавна телевизија Пи-би-ес известува за неговиот уред. Па, наместо да се користи научниот метод (експеримент и проверка), преку објави на телевизиски емисии Зографос ја бара легитимноста на својот изум.

Втората анализа на „Ellinikа Hoaxes“ е преглед на тројца „научници“ што „Грчката асоцијација на физичари“ ги поддржува и промовира. Првата научничка Мариа Цароуха, работи во полето на социологијата и театарот и пишува за „квантна глума“. Втората научничка, Димитра Гиова спроведува тридневен семинар на темата „Ментор на квантниот живот: Квантната механика се среќава со новото размислување.“ Тврдењето е дека со знаењето што се добива од семинарот имаме магично решение на сите наши проблеми преку „примена на универзалните закони“, односно на „метод“ наречен „5Д чуда“ или атракција на искуство. Според „Ellinikа Hoaxes“, Гиова завршува хемија, но работи во медиумската сфера, театар и односи со јавност. Па така, Гиова меша наука со спиритуалност за да го креира овој проблематичен метод. Ако пак, се направи груба математика – 730/660 евра од човек и 500 учесници, Гиова со овој метод спечалува скромни 330 до 360 илјади евра само од еден викенд-семинар.

Последната рецензија е на научникот Ксенофон Меусас. Тој, промовира т.н. „расна наука“, односно непроменлива биолошка супериорност на една „раса“ наспроти друга. Во објава на Фејсбук, тој „цитира“ истражување каде се „докажува“ дека грчката ДНК наводно има неочекувано добро својство и кое наводно покажува дека „Грците никогаш нема да умрат.“

Фактички, во сите гореспоменати идеи коишто се предмет на анализа на „Ellinikа Hoaxes“, се користат зборови што прозвучуваатат „научно“, а всушност ниту една не е базирана на проверена методологија што е предмет на научен метод.

Самата пресуда на грчкиот суд не само што е  победа за „Ellinikа Hoaxes“, туку и за сите редакции што проверуваат факти. Особено во доба кога се злоупотребуваат СЛАПП тужби – стратешки тужби за спречување на јавно дејствување, чија цел е да ги заплашат и финансиски да ги исцрпат тужените медиуми/новинари.

Пишува: Матеј Тројачанец