fbpx

Нема докази за поврзаност меѓу мозочните удари кај младите и ковид вакцината

-

Постот што го рецензираме е со пропуштен контекст. Мозочните удари кај младата популација не се поврзани со вакцинацијата против ковид-19. Всушност, во прилогот кој е даден како поткрепа за ова неаргументирано тврдење за поврзаност меѓу вакцините и мозочните удари, воопшто не се спомнуваат вакцините и нема информации дали и колку пациенти биле вакцинирани против ковид-19.  За тоа дека постоел тренд на намалување на возрасната граница на пациентите со мозочен удар уште во 2017 година – кога не постоеше ни ковид, ни вакцина против ковид, покажуваат статии од реномирани кардиоваскуларни клиники во земјава, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се споделува телевизиска најава за прилог со наслов: „Расте бројот на млади пациенти со мозочни удари“. Во описот на самиот пост се инсинуира дека оваа состојба на зголемен број млади пациенти со мозочни удари е поврзана со вакцинацијата против ковид-19. Во тој контекст, во постот се вели:

„Верувајте на науката”

Каде сте сега Венковци, Зајковци, Петличковци, Караџаовци, Мехмедовќи? Каде е лекарската комора? Каде е сега агенцијата за храна и лекови? 

Каде е владиката што не праќаше во пеколот? 

Каде сте сега софистицирани, професори, доктори што трубевте?

 Каде се сега сите “добронамерници”?

 Кој ќе ви ја испие горчливата чаша пред вас?

Меѓутоа, оригиналниот прилог до кој во постот што го рецензираме не се дава линк, туку има само скриншот од најавата, зборува за нешто сосема друго од она за коешто се зборува во постот.

Имено, заедничко за сите наведени лица споменати во постот е дека тие во текот на ковид пандемијата ја претставуваа страната на медицинската фела и научните докази и препорачуваа граѓаните да се вакцинираат против ковид-19 за да спречат потешки компликации и смрт од болеста. Во текот на вакциналната кампања, пак, во повеќе наврати антивакцинални кругови на различни начини се обидуваа да ја збунат јавноста извртувајќи ги ваквите препораки. На сличен начин и во овој пост се злоупотребува прилогот на Канал 5 телевизија, којшто е направен со сосема поинаков агол од оној што е презентиран во објавата на Фејсбук.

Во оригиналниот прилог емитуван на вестите на 27 јануари 2023 година, темата е дека луѓе на возраст меѓу 20 и 30 години, кои до неодамна функционирале нормално, стануваат пациенти со мозочни удари, а според изјавите на лекарите ваквото поместување на старосната граница на мозочните удари се поврзува со самата пандемија против ковид-19. Вакцините во прилогот никој не ги споменува како причинител за ваквата состојба во македонското здравство.

Во прилогот, лекарот и директор на Клиниката за неврологија, доктор Иван Барбов, вели дека вирусите, како што е коронавирусот, се поттикнувачи на невролошки заболувања, кои, исто така, се во пораст во последните месеци. Во прилогот врз основа на изјави од доктори се констатира пониска старосна граница на пациентите со мозочни удари, но не се навлегува длабински во причините. Вакцините против ковид-19 не се споменуваат ниту еднаш. Напротив, се споменува само дека болеста ковид-19 може да е поттикнувач на невролошки заболувања. Во прилогот се споменуваат и ретките болести, исто така, неасоцирано, односно неповрзано со ковид вакцинацијата.

И претходно медиумите во земјава се занимаваа со темата на мозочните удари.

Така на 21.10.2022 година  во прилог на друга телевизија лекарите предупредуваат дека се намалува старосната граница на пациентите со мозочни удари, а најтешко поминуваат лицата кај кои ковид инфекцијата ќе предизвика мозочен удар. Во таа смисла, лекарка од Клиниката за неврологија зборува токму за тоа (изјава од 27 до 44 секунда од видеото), дека и ковид инфекцијата може да предизвика мозочен удар.

Дека постоел тренд на намалување на возрасната граница на пациентите со мозочен удар уште во 2017 година кога не постоеше ни ковид, ни вакцина против ковид, покажуваат и статии од реномирани кардиоваскуларни клиники во земјава,  .

Мозочниот удар може да се јави кај сите возрасни групи, но почест е кај пациенти над 65 годишна возраст, иако во последно време стапката кај млади лица расте, што укажува на фактот дека е потребна стратегија за подобра превенција, пишува Жан Митрев Клиниката уште во 2017 година.

Според напис од клиниката „Ре – Медика“ од мај 2019 година (во тој период, исто така, немаше ни ковид, ни вакцини против ковид) мозочниот удар е честа болест, а според медицинската статистика е втората причина за смртност во светот и претставува најчеста причина за инвалидитет во светски рамки. Според м-р спец. д-р Горан Колевски најчести причини поради кои се јавува мозочен удар се покачен крвен притисок, дијабетес, срцева аритмија, артеросклероза со стеснување(стеноза) на крвните садови на вратот и во мозокот, прележан срцев инфаркт, пушењето, зголеменото ниво на масти во крвта, физичка неактивност и стрес.

Во 2023 година, доктор Сема Туран, членка на турскиот Научен комитет за коронавирусот, изјави дека нема валидност во поврзувањето на мозочните или срцевите удари со вакцината против ковид-19.

Поради сите горенаведени факти, сметаме дека во постот што го рецензираме е со пропуштен контекст. Мозочните удари кај младата популација не се поврзани со вакцинацијата против ковид-19. Всушност, во прилогот кој е даден како поткрепа за ова неаргументирано тврдење за поврзаност меѓу вакцините и мозочните удари, воопшто не се спомнуваат вакцините и нема информации дали и колку пациенти биле вакцинирани против ковид-19.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...