fbpx

Неизвесност во Грција за идните европски чекори околу бегалската криза

-

Грција се подготвува и за подоброто и за најлошото можно сценарио во пресрет на самитот на Европската Унија за бегалската криза в четврток и в петок.

По министерот за миграција, сега и Панос Каменос, министер за одбрана и коалициски партнер на премиерот Алексис Ципрас, излезе со изјава дека очекува сигурно да се затворат европските граници за бегалците.

– Сметам дека е сигурно дека ќе се затворат границите. Тоа е веќе сигурно. Некои земји-членки на ЕУ имаат одлучено да ги затворат границите – истакна Каменос во интервју за телевизијата „Стар“.

Како што истакна Каменос, работите за Грција малку ќе се подобрат благодарение на договорот со НАТО за контрола на грчко-турската граница. Посочи дека доколку не бил постигнат овој договор, тогаш бројот на бегалци што преминуваат од Турција кон Грција значително ќе се зголеми.

Грчката влада е во трка со времето да се претстави во што подобра слика и да ги убеди европските партнери да ја напуштат идејата за затворање на границите и за грчко исклучување од шенген-зоната. Ципрас во моментов има тет-а-тет средба со првиот човек на Европскиот совет, Доналд Туск, а се очекува главна тема на средбата да биде бегалското прашање. За бегалската криза и за справувањето со неа, Ципрас утре ќе разговара и со претседателот на Комисијата, Жан-Клод Јункер, а потоа и со канцеларката Ангела Меркел и со премиерот на Турција, Ахмет Давутоглу, на трилатерална средба.

Германската канцеларка денеска во интервју за германскиот весник „Штутгартер цајтунг“ остро ја осудува идејата за затворање на македонско-грчката граница.

– Поставувањето на ограда на границата меѓу Грција и Македонија би било антиевропско однесување и не би го решило проблемот – вели Меркел, додавајќи дека поважно е да се контролираат надворешните граници на шенген-зоната, односно границата меѓу Грција и Турција.

Железната лејди на германската политика во интервјуто вели дека не е согласна ниту со идејата за менување на границите на шенген-зоната и исклучување на Грција, посочувајќи дека исклучување на држава од шенгенската зона би било чекор назад за ЕУ и дека Германија не би сакала да се прават промени и да се формира некаква мала шенген-зона.

– Некои потценуваат колку е важна за сите нас шенген-зоната, колку нашата благосостојба зависи од слободата на движење на лица и на стоки – вели Меркел, истакнувајќи дека е клучно сите членки на ЕУ да се залагаат за одржување на безбедноста на европските граници.

И покрај овие охрабрувачки зборови и изјави на Меркел, во Грција, сепак, останува неизвесноста што ќе биде одлучено во Брисел за идните чекори околу справувањето со бегалската криза. Иако Грција вчера доби помош од околу 12,7 милиони за справување со бегалците, нема гаранција како ЕУ ќе постапи со неа поради доцнењето со прифатните центри и со контролните точки за регистрација на бегалците.

Ципрас во Брисел ќе замине со потврда дека четири прифатни центри и центри за регистрација се подготвени, како и дека два привремени центри во Солун и во Атина се речиси готови и со став дека Грција ги исполнила своите обврски од договорот за справување со кризата, поради што и европските партнери мора да се држат до својот дел од договорот и да работат во насока на наоѓање заедничко решение наместо затворање на границите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.