fbpx

(Не)ефективноста на ЕУ во поддршката за владеење на правото на Западниот Балкан

- Судот на ревизори на ЕУ критичен за исходот на проектите за владеење на правото на регионот -

-

И самиот наслов „Поддршката на ЕУ за владеење на правото на Западниот Балкан: и покрај поддршката, опстојуваат темелните проблеми“ на неодамна објавениот специјален извештај на Судот на ревизори на ЕУ е индикативен за неговата содржина.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Во овој Извештај Судот на ревизори на ЕУ ја оценувал ефективноста на поддршката на ЕУ за владеење на правото спроведена преку Инструментот ИПА II во периодот 2014-2020 година. Во овој период за проекти за поддршка на владеењето на правото во целиот регион (национални и регионални) се вложени 690 милиони евра. Извештајот е изготвен врз основа на истражени 17 национални и 3 регионални проекти, при што државите од регионот се различно застапени по бројот на проекти. Македонија и Црна Гора се застапени со по еден проект, Косово – 2, Босна и Херцеговина – 3, Албанија – 4, Србија – 6. Наодите се потпираат и на анализата на повеќе релевантни документи, како и интервјуа.

Двете основни прашања на кои овој извештај се обидува да даде одговор се: 1) дали поддршката била добро осмислена и 2) дали таа довела до планираните резултати.

Во однос на првото прашање, ревизорите констатираат дека поддршката била осмислена во согласност со политичките приоритети на ЕУ, имајќи ги предвид наодите и препораките од годишните извештаи на ЕУ, како и дијалогот кој се одвива во рамките на телата на спогодбите за стабилизација и асоцијација (во оваа област особено релевантен е Поткомитетот за правда и внатрешни работи). Еден од покритичните наоди е дека поддршката за активностите на граѓанското општество е „недоволна за задоволување на потребите на секторот“, како и дека најмногу се заснова на краткорочни проекти. Оттаму и препораката да се зајакне поддршката на граѓанскиот сектор ангажиран во областите на владеењето на правото и слободата на медиумите.

Клучен е наодот дека, додека интервенцијата на ЕУ придонела за реформите во техничките и оперативни области, како на пример подобрување на ефикасноста на судството и развој на релевантното законодавство, мало е влијанието врз темелните реформи на владеењето на правото во регионот. Како такви се наведуваат независноста на судството, концентрацијата на моќта, политичкото мешање и корупцијата.

Како клучна причина за малото влијание на поддршката врз суштествени темелни реформи се идентификува недоволната домашна политичка волја, што ја доведува во прашање одржливоста на проектите, односно останува прашањето – што откако тие ќе завршат. Меѓутоа, предмет на критика е и Европската комисија – главно затоа што не ги употребила сите алатки што ѝ стојат на располагање за да ги пресретне ризиците. Притоа, се оценува дека правилата за примена на политичка условеност не се јасни, како и дека разликите во оценките на Комисијата и Советот на ЕУ во поглед на исполнувањето на клаузулата за рамнотежа ги загрозуваат ефектите на условеноста. Одредбата за рамнотежа е содржана во преговарачките рамки за Србија и Црна Гора и според неа напредокот во преговорите воопшто зависи од напредокот во владеењето на правото.

Ревизорите препорачуваат поставување стратешки таргети со индикатори на влијанието за приоритетните подрачја во кои ги вбројуваат независноста на судството, слободата на медиумите, борбата против корупцијата и заробената држава.  Препораката секако нема да биде лесна за спроведување, имајќи ги предвид проблемите со мерливоста токму во овие подрачја, постојните тенденции за техницизирање на ваквите прашања, но и значењето на неформалните наспроти формалните институции и процеси во регионот.

Како и да е, без разлика што клучна улога за поддршката на ЕУ на регионот ја има Европската комисија, тежиштето на одговорноста и за исходот на интервенциите на ЕУ во областа на владеењето на правото повторно се става врз националните власти. Оттаму, одново и одново ќе се актуелизира прашањето на (немање) национална сопственост врз проектите и, пред сѐ на (не)постоење реална политичка волја да се обезбеди рамнотежна на властите и да се ограничи политичката моќ и влијание.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...