И граѓаните од околните градови го чекаат бесплатниот јавен превоз во Скопје

Фото: Архива на Мета.мк

Патувањето со воз или автобус од околните градови им предизвикува големи трошоци на граѓаните од Куманово, Велес и Тетово, коишто секојдневно патуваат на работа, школо или по други обврски во главниот град. Од градовите коишто гравитираат околу Скопје има дневен прилив на илјадници граѓани, коишто имаат избор да патуваат со автомобили, коишто го зголемуваат сообраќајниот метеж и проблемот со паркинг места во Скопје или пак да користат воз или автобус при своите патувања.

Доколку се одлучат да патуваат со воз или автобус, граѓаните од внатрешноста во моментов се приморани да плаќаат дневни или месечни билети за воз и меѓуградски автобус, плус дневни или месечни билети за јавен градски превоз во Скопје. Па така, месечниот билет на релација Скопје-Велес-Скопје чини 2.450 денари што граѓаните ги уплаќаат на Железници на РСМ-Транспорт, а дополнително за патување од Транспортниот центар до школо или работното место во Скопје тие плаќаат одделен месечен билет на ЈСП.

Сите овие двојни процедури за вадење билети, трошоци за превоз без никакви попусти или поволности во изминативе години доведоа до тоа во Скопје да се зголеми бројот на граѓани кои од Куманово, Велес и Тетово патуваат со автомобили, а да опадне бројот на патници во патничките возови и меѓуградските автобуси.

Од Градот Скопје за Мета.мк велат дека ваквиот проблем што го имаат граѓаните од околните градови коишто го користат јавниот превоз ќе се решава со воведување на бесплатниот автобуски превоз во главниот град.

„Воведувањето на бесплатниот автобуски превоз ќе се одвива во фази и ова ќе биде системско решение и за овој проблем“, се наведува во одговорот што го добивме од Градот Скопје.

Градските власти објаснуваат дека во текот на 2022 година на три пати ќе се објавуваат категориите на корисници на автобускиот превоз што ќе добијат можност бесплатно да го користат градско-приградскиот превоз во Скопје, а веќе следната година етапно ќе биде спроведена целосно програмата за бесплатен превоз во градот Скопје.

Мета.мк веќе три години наназад пишува за проблемот што го имаат жителите на Куманово, Велес и Скопје, коишто секојдневно патуваат до и од Скопје. Железници на РСМ – Транспорт во текот на пролетта 2019 изјавија дека се согласни да соработуваат за реализација на проект за воведување на комбиниран билет за воз и јавен превоз. Од ЈСП-Скопје тогаш рекоа дека за ваквото олеснување на користењето на јавниот превоз мора најпрво одлука да донесе Градот Скопје, а потоа ЈСП да пушти во промет ваков комбиниран билет.

И во 2020 година пишувавме на оваа тема, а од Железници на РСМ-Транспорт тогаш ни потврдија дека во западноевропските земји има комбиниран билет за воз и јавен превоз, но и дека за Скопје треба да се изготви студија за условите, оперативните и техничките можности за реализација на овој проект.

Како последица на непостоењето на комбиниран билет, многу од граѓаните кои патуваат секојдневно меѓу Скопје и другите градови користат и диви таксисти, коишто се распоредени на неколку локации во главниот град. Идентично како и патувањето со сопствен автомобил, тие се флексибилни за застанување на било која локација во близина на крајната дестинација, но дивите таксисти воопшто не плаќаат лиценци за работа и данок и користат возила коишто често пати се технички неисправни.

Инаку, во предизборната кампања за локалните избори градоначалничката Данела Арсовска како едно од главните ветувања го наведе воведувањето на бесплатен јавен превоз во Скопје. Опозициската СДСМ во Советот на град Скопје и дел од граѓаните бараат градоначалничката да го исполни своето ветување во првите 82 дена од нејзиното раководење со главниот град.

„Уште во првите 82 дена од мандатот ќе ги исчистиме дивите депонии каде се согорува опасен отпад. Ќе набавиме 250 еколошки автобуси и ќе го олесниме пристапот до јавниот превоз, а со бесплатниот и квалитетен јавен превоз се очекува намалување на користењето автомобили и сообраќајниот метеж“, изјави градоначалничката Арсовска на 23 октомври 2021 година. 

Речиси два месеца подоцна, откако ја презеде градоначалничката функција, скопската градоначалничка на 17 декември 2021 година изјави дека реализацијата на бесплатниот јавен превоз е проект што ќе се спроведува во период од две години, а не за 82 дена по преземањето на функцијата.