fbpx

Не е вистина дека во војната ќе се мобилизираат сите Украинки од 18 до 60 години

Како што објаснуваат украинските вооружени сили, ова не е мобилизација, туку чекор за сумирање на податоците за резервата на медицинските работници. Ова се однесува на лекари, медицински сестри, акушерки, стоматолози и фармацевти

-

Во објавата е споделена неточна информација дека ќе се прави мобилизација на жените Украинки во војската. Станува збор за неодамнешна законска обврска, според која, почнувајќи од 1 октомври, жените со медицинско или фармацевтско искуство треба да се регистрираат за воена служба, но, за разлика од мажите на возраст меѓу 18 и 60 години, нема да им биде ограничено да ја напуштат Украина освен ако не бидат мобилизирани. Се работи за регистрација на жени Украинки со конкретна медицинска специјалност (а не на сите), што е многу поразлично од мобилизација односно регрутација, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека сите Украинки на возраст од 18 до 60 години ќе бидат мобилизирани односно регрутирани во војската. Ова не е вистина.

Жалосно

Сите Украинки на возраст од 18 до 60 години сега ќе имаат право на регрутација во војската.

Мобилизацијата започнува бидејќи Украинците загинаа во огромен број во залудна војна против Русија, пишува во објавата.

Објавата што е предмет на оваа рецензија споделува неточна информација дека ќе се прави мобилизација на жените Украинки во војската. Според објавата, ова се прави поради големиот број на загинати Украинци во војната. Затоа, и на почетокот на објавата напишано е „Жалосно“.

Но, ова не е вистина. Не е точно дека ќе се регрутираат сите жени Украинки на возраст од 18 до 60 години, односно не се работи на моблизација на Украинките.

Станува збор за неодамнешна законоска обврска, според која почнувајќи од 1 октомври жените со медицинско или фармацевтско искуство, треба да се регистрираат за воена служба, но – за разлика од мажите на возраст меѓу 18 и 60 години – нема да им биде ограничено да ја напуштат Украина, освен ако не бидат мобилизирани.

Ова го истакнал Федир Вениславски – член на Комитетот за национална безбедност, одбрана и разузнавање на Врховната Рада – кој беше интервјуиран од РБЦ-Украина.

Што се однесува до ограничувањето за патување во странство за регрутираните жени, таквото ограничување ќе важи исклучиво за жените кои се веќе во активна воена служба, рече Вениславски, додавајќи дека дури и жените кои сега се во воена униформа не се под забрана за патување (како мажите) која што беше воведена на 24 февруари 2022 година по почетокот на инвазијата на Русија на Украина.

Но, како што објаснуваат украинските вооружени сили, ова не е мобилизација, туку чекор за сумирање на податоците за резервата на медицинските работници. Ова се однесува на лекари, медицински сестри, акушерки, стоматолози и фармацевти. Специјалноста ќе се земе предвид и според дипломата и според конкретното место на работа. Според декретот, жените треба да дојдат и да се регистрираат за да сe сумираат податоците за расположливата резерва на медицински работници. Сепак, како што објаснуваат од Вооружените сили, во иднина жените може да бидат повикани на воена служба или ангажирани да вршат работи за да се обезбеди одбрана на државата.

Ова е регистрација на жени Украинки со конкретна медицинска специјалност (а не на сите) што е многу поразлично од мобилизација односно регрутација, поими коишто се спомнуваат во објавата, а кои имаат различно значење.

Мобилизација претставува чин на собирање резервни сили за активна должност во време на војна или национална вонредна состојба. Регрутирањето се однесува на активноста на привлекување луѓе и нивно избирање за воена обука и вработување и тоа се случува и кога земјата не е во состојба на војна.

Учеството на жените во војната во Украина е на волонтерска база, може да учествуваат тие што сакаат. Според последните податоци, 40.000 жени служат во вооружените сили на Украина, вклучително и во борбени улоги. Понатаму, 8.000 жени имаат офицерски позиции, а 5.000 служат на линијата на фронтот. Во блиска иднина може да се создаде посебна борбена единица која ќе се состои исклучиво од жени.

Во објавата може да се забележи уште една манипулација во тврдењето дека „Украинците загинаа во огромен број во залудна војна против Русија“. Украинците не гинат во војна против Русија, бидејќи Украина не ја нападна Русија, туку тие се бранат од нападот на Русија на нивна територија. Во февруари 2022 година  една суверена европска земја нападна друга суверена европска земја, првпат по многу години. Украина, која е независна, суверена и демократска држава беше нападната во своите граници од странски воени сили и беше принудена да се брани.

Според сите наведени факти, оценуваме дека не е вистинито тврдењето дека ќе се регрутираат, односно мобилизираат сите жени Украинки на возраст од 18 до 60 години.

 

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Руско Министерство за одбрана: Соборени 68 украински беспилотни летала над Краснодар и Крим

Армијата синоќа пресретнала 68 украински беспилотни летала во јужниот руски крај Краснодар и Крим, соопшти руското Министерство за одбрана. Според тоа министерство, 66 беспилотни летала биле соборени над територијата на...