„Прада“ ќе ги дизајнира вселенските костуми за новата мисија на НАСА на Месечината

Иновативни технологии и дизајн ќе бидат искористени при креирањето на новите лунарни скафандери за да овозможат поголемо истражување на површината на Месечината од кога било досега

Photo by NASA on Unsplash

Астронаутите на НАСА ќе летаат со стил, а луксузната модна куќа „Прада“ ќе помогне во дизајнирањето вселенски костуми за мисијата на Месечината во 2025 година.

Италијанската модна куќа ќе работи на дизајнирање на скафандрите заедно со друга приватна компанија, „Аксиом Спејс“ (Axiom Space), пишува Би-би-си.

Во соопштението до медиуми, од „Аксиом“ рекоа дека „Прада“ ќе донесе експертиза за материјалите и производството на проектот. Двете фирми соопштија оти ќе користат иновативни технологии и дизајн за да овозможат поголемо истражување на површината на Месечината од кога било досега.

Претходно годинава „Аксиом“ претстави вселенски костим за кој рече дека ќе се носи на претстојната мисија Артемида 3. Оделото тежи 55 килограми.

По двете пробни мисии на Артемида, третата – која е планирана за 2025 година – ќе го одбележи првото враќање на човештвото на површината на Месечината по повеќе од 50 години. НАСА ќе ги испрати првите луѓе да го истражуваат регионот во близина на лунарниот Јужен пол.