Пендаровски: Од младите инженери зависи дали една држава ќе напредува или ќе стагнира

Мора да вложуваме во иновациските екосистеми што привлекуваат инвестиции, генерираат квалитетни работни места и ги задржуваат младите во државата, рече Пендаровски

Фото: Кабинет на претседател на РСМ

Претседателот Стево Пендаровски се обрати по повод отворањето на 51. Европска конференција на млади инженери, чиј домаќин по втор пат е Клубот на млади инженери при Инженерската институција на Македонија. Конференцијата на тема „Поврзување на патеките на инженерите“ започна од вчера и ќе трае до 8 октомври, на Факултетот за електротехнички науки и информатички технологии (ФЕИТ), под покровителство на претседателот.

На отворањето на конференцијата се обратија и претседателката на Инженерската институција на Македонија, Христина Спасевска, претседателката на Клубот на млади инженери, Тина Манолева и претседателот на Европските млади инженери, Пол Џенкинсон.

„Ме радува што Организацијата на Европски млади инженери прифати нашето виртуелно гостопримство од 2020 година да го дополниме со физичко присуство на оваа конференција на млади инженери. Слоганот на годинaшната конференција е: „Поврзување на патеките на инженерите“. Во овие зборови е содржана суштината на вашата работа, затоа што инженерството е умешност на изнаоѓање решенија за практичните проблеми преку она што фигуративно го нарекуваме, поврзување на точките“, рече Пендаровски.

Меѓу многуте неизвесности што со себе ги носи четвртата индустриска револуција, додаде тој, едно е извесно – инженерската професија ќе има уште поважна улога во градењето на одржлива иднина.

„Од вас, повеќе од кој било друг, ќе зависи дали една држава и економија ќе напредува или стагнира, бидејќи вие ги поврзувате точките на развојот и ги градите патеките кон иднината. Токму затоа, наша должност е да го зајакнеме партнерството меѓу државата, науката, стопанството и граѓанскиот сектор за да овозможиме квалитетно инженерско образование. Мора да вложуваме во иновациските екосистеми што привлекуваат инвестиции, генерираат квалитетни работни места и ги задржуваат младите во државата. Вие, младите инженери, не само на хартија, туку и во реалниот живот, треба да бидете двигатели на позитивните промени“, рече претседателот во своето обраќање.