Во едни училишта во државата има подобри просторни услови, во други полоши. Некаде има многу голем број на ученици, па ќе мора да се воведе учење во смени, а во други пак, има помали паралелки и нема да има потреба од смени. Затоа, наставата со физичко присуство ќе се одвива на различен начин во различни училишта, но важно е дека ќе се одвива во училница. Унифицирани правила што ќе важат за сите во државата, ќе нема.

Ова го вели д-р Александар Стојанов, епидемиолог и в.д. директор на Центарот за јавно здравје и член на Комисијата за заразни болести, кој деновиве на средба со надлежните во ресорните министерства, разговарал за правилата кои ќе важат во училиштата и во градинките од почетокот на учебната година. Тој објаснува дека од Министерството за образование и наука (МОН) предложиле неколку опции, меѓу кои и комбиниран начин на настава (и традиционална и онлајн), но дека конечна одлука за ова ќе има околу 10 август.

Неофицијално, согласно новите правила, можно е да нема големи одмори за да се избегнат групирања на учениците, потоа можно е оброците да ги имаат во училница наместо во менза, а ќе биде ограничено и одењето во тоалет.

– Во некои училишта има услови за физичко присуство, односно има училишта во кои има доволно простор за физичко присуство, зашто се 10 деца во одделение. Таму не е тешко да се одржи дистанца. Сепак, има одделенија со над 30 деца, па таму неопходно е поинаку да се организираат часовите, односно да се воведат смени. Нема да има едни правила што ќе важат за сите исто – вели д-р Стојанов.

Организацијата на згрижувачкиот процес и престојот во градинките е посебен предизвик со кој се соочуваат надлежните во овој период. Во овие објекти многу е тешко да се одржи дистанца меѓу децата, а од друга страна, тежок ќе им биде целиот процес на адаптација и создавање навики, со оглед на фактот дека никогаш претходно градинките не биле затворени олку долг период.

Стојанов вели дека не е исклучена можноста, да се донесе одлука со која ќе се ограничи уписот на сите деца, односно само децата чии родители немаат друга опција за чување на детето, да можат да го запишат во градинка.

Во Министерството за труд и социјална политика потсетуваат дека одлуката за отпочнување со работа на градинките ја носи Владата.

– Министерството во соработка со основачите на детските градинки, односно сите чинители на национално и поднационално ниво, водат сметка дека децата не смеат да останат незгрижени и отворањето на градинките мора да се направи на безбеден начин. Тоа ќе се изведе доследно на здравствениот одговор на ковид-19, со преземање на сите разумни мерки за заштита како за децата и нивните семејства така и за кадарот кој што работи во градинките. МТСП во соработка со Комисијата за заразни болести го подготви Протоколот за активностите во установите за згрижување и воспитание на деца по укинување на вонредната состојба, а Владата го усвои на крајот на мај и истиот е доставен до сите детски градинки – велат оттаму.

Во институцијата додаваат дека доставиле барање до Заедницата на единици на локална самоуправа (ЗЕЛС) да обезбеди и достави податок – анализа од сите општини (како основачи на јавните установи за деца – детските градинки) да се изјаснат дали јавните установи за згрижување и воспитување деца ги исполнуваат условите согласно протоколот.