Шест синдикати, неколку здруженија и асоцијации ги осудија сите работодавачи кои зедоа државни пари за исплата на плати, а не им ги дадоа на своите вработени. Во нивното заедничко соопштение се вели дека целта на државната финансиска поддршка утврдена со владината уредба за справување со кризата од ковид-19 беше да се зачуваат работните места на работниците, а не работодавачите незаконски да профитираат на грбот на работниците за време најголемата здравствена, социјална и финансиска криза со која се соочуваме.

„Сметаме дека ваквото однесување на работодавачите е недозволиво, неправедно, незаконско и нехумано“, се вели во нивното заедничко соопштение.

Тие апелираат Управата за јавни приходи, без одложување и во најкус можен рок да изврши присилна наплата на платите на работниците во фирмите кои добиле државна финансиска поддршка, а не ја исполниле обврската за исплата на плати.

„УЈП во соработка со Државниот инспекторат за труд, а согласно Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, на споменатите работодавачи да им изрече глоба за сторен прекршок и да ги задолжи работодавачите да ги вратат добиените државни финансиски средства, а ОЈО да покрене постапка по допрен глас против овие работодавачи, за сторено кривично дело, измама, по чл. 247 од Кривичниот законик“, стои во заедничкото соопштение.

Се додава дека Владата треба јавно да ги објави фирмите кои ја користеле државната финансиска поддршка, а не им исплатиле плати на своите вработени, а во иднина, сите финансиски мерки за помош на работниците да им се исплаќаат директно ним, за да се избегнат вакви и слични злоупотреби.

Потписници на соопштението се: Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ), Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Независен академски синдикат (НАкС), Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ), Синдикат на македонската дипломатска служба (СМДС), Хелсиншки комитет за човекови права, Здружение на граѓани „Гласен Текстилец“, Левичарско движење „Солидарност“, ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена и Субверзивен фронт.