Најголем дел од средношколците за ученички стипендии аплицирале по електронски пат

фото: Glenn Carstens-Peters на Unsplash

Дигитализацијата при аплицирањето за ученички стипендии за учебната 2022/2023 година придонесе оваа година за првпат да нема долги колони ученици и родители, односно старатели да чекаат пред Министерството за да ги поднесат потребните документи, велат од Министерството за образование и наука (МОН).

Министерот за образование Јетон Шаќири истакна дека најголем дел од пристигнатите апликации за ученички стипендии биле во електронска форма, што за МОН е сигнал дека средношколците ги следат модерните случувања во полето на ИКТ технологијата и ги прифаќаат современите начини на комуникација.

„Верувам дека овогодинешниот тренд за електронско аплицирање за ученичките стипендии ќе продолжи и во следните години, со што полека ќе се напушти стариот систем на аплицирање со достава на хартиени документи во просториите на МОН“, вели Шаќири.

Од МОН додаваат дека дигитализацијата на аплицирањето за ученички стипендии го олеснува разгледувањето на пристигнатите документи и полесно се креираат ранг листите со што се скратува и времето на генерирање на решенијата за стекнување со правото на ученичка стипендија.

Учениците од минатата учебна година на располагање ја имаат опцијата да аплицираат за државни ученички стипендии преку порталот „е-услуги“, додека електронското аплицирање за стипендии за студентите стана достапно една година претходно.