На пауза или стоп: Димитров и Ѓорѓиев не се согласуваат ниту за моменталниот статус на Заедничката комисија

-

Д-р Ангел Димитров, еден од двајцата со-претседавачи на Заедничката бугарско-македонска комисија за историските прашања и за учебниците (вториот со-претседавач, од македонска страна, е д-р Драги Ѓорѓиев, директорот на македонскиот Институт за национална историја) во саботата повторно ги изнесе своите обвинувања до македонските членови на заедничката комисија (искажани првпат во декември) дека не ја паузирале, туку ја прекинале работата на комисијата.

Ангел Димитров даде интервју за Бугарското национално радио (БНР), емитувано во саботата, во кое како и во декември, обвинува дека работата на „бугарско-македонската комисија не е „замрзната“, туку е „фактички прекината еднострано, од Скопје“. Тој вели дека во ваков заеднички орган, каков што е комисијата, решенијата треба да се донесуваат со взаемна согласност.

– Нашите колеги не дадоа претходна најава дека имаат намера да ја прекинат својата работа во комисијата, не го направија тоа дури и во текот на последното заседание, туку дури по неговиот крај и тоа на начин што за нив е конечно решение. Јас би прифатил да говориме за некакво привремено замрзнување, дури и за некаков одмор – тоа се нивните зборови – ако кажеа во мај, по изборите, ќе имаме заседание на тој и тој датум. Засега остануваме во оваа неизвесност што ќе ја донесат овие месеци на предизборен натпревар во Северна Македонија, и пред се, вè оваа нејаснотија околу резултатите на изборите – рече тој во емисијата „Сабота 150“ на радио каналот „Хоризонт“ на БНР.

На овие обвинувања уште во декември за „Мета.мк“ одговори д-р Драги Ѓорѓиев, кој рече дека идејата воопшто не била да прекине работата на заедничката комисија, односно дека македонската страна не ја прекинала работата „бидејќи сметам дека тоа ќе биде штетно и за нив, и за нас, и целокупните односи меѓу Македонија и Бугарија ќе претрпат штета“.

Тој исто така објасни дека бугарската страна притискала за голем број состаноци, што според неговото согледување е контрапродуктивно, и македонските членови се согласиле за четири состаноци годишно. Потоа бугарските членови побарале уште две средби – една во август и една во декември, што македонската страна не го прифатила. Дополнително, иако македонската страна побарала пауза во работата, предложила работата на комисијата да продолжи по електронски пат, со размена на забелешки или препораки.

– Меѓутоа, се разбира, ние не прифативме, бидејќи лично сметам, а и од искуството што го имаме досега знам, дека тоа е контрапродуктивно. Што почесто се гледавме, толку повеќе растеа тензиите. И од тие причини, ние не го прифативме ниту предлогот за средба во декември. Инаку, искуството од комисиите формирани меѓу некои европски држави покажуваат дека децениските историски меѓудржавни спорови се решаваат во многу подолг период, со две до три средби годишно. Конечно, а имајќи го предвид предизборниот период кај нас, предложивме работата на комисијата да паузира, не да прекине! Ние не рековме да се прекинат средбите, ниту сакам да се прекине, бидејќи сметам дека тоа ќе биде штетно и за нив, и за нас, и целокупните односи меѓу Македонија и Бугарија ќе претрпат штета. Предложивме работата на комисијата да оди по електронски пат. Да разменуваме забелешки за учебниците, препораки, доколку дојдеме до нив, па дури и идеи за Гоце Делчев… – објасни Ѓоргиев за „Мета.мк“.

Но тоа не било прифатено од бугарската страна, објасни македонскиот со-претседавач на Комисијата, и, веднаш, било грубо прогласено за политички предизвикан прекин на работата.

Ако се спротивстават аргументите на Ѓорѓиев со тие на неговиот бугарски колега Димитров, излегува дека сепак работата на комисијата не е прекината еднострано, затоа што и покрај побараната пауза поради вонредните парламентарни избори во Македонија, македонската страна предложила електронска соработка. Но тоа не било прифатено од бугарската страна, а таквата постапка зборува за „прекин на работата“  прогласен од бугарските историчари.

Necromanser Eldritch -Diablo 4 -скриншот од лична архива на Иван Стојановски

Експанзијата „Vessel of Hatred“ на Diablo 4 доби одлични критики од гејмерите

Излегувањето на експанзијата Vessel of Hatred на Diablo 4 наиде на голем број одлични критики од страна на гејмерите ширум светот и е експанзија што фановите ја очекуваа од...