Контраспин: Пендаровски никогаш не рекол дека Делчев бил Бугарин

Непримерното спинување веќе започна меѓу двете најголеми политички партии за своите претседателски кандидати. Првата потешка артилерија беше употребена за докажување, кој е поголем патриот во однос на прашањето со Бугарија

Фото: Принтскрин, обраќање во живо на Пендаровски

Непримерното спинување веќе започна меѓу двете најголеми политички партии за своите претседателски кандидати. Првата потешка артилерија беше употребена за докажување, кој е поголем патриот во однос на прашањето со Бугарија. СДСМ со фотографија стара 5 години ја нападна професорката Сиљановска Давкова, додека ВМРО-ДПМНЕ со извртување на зборовите и со користење на полуизјава, невистинито тврди дека за Пендаровски, Гоце Делчев бил Бугарин, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

ВМРО-ДПМНЕ издаде соопштение во комбинација со монтиран видео исечок во кои посредно, но и директно тврди дека за претседателскиот кандидат и актуелен претседател Стево Пендаровски, македонскиот револуционер Гоце Делчев бил Бугарин:

Спин: …Андреј Ковачев во Софија и Брисел ја користеше изјавата на Пендаровски како клучен доказ и поткрепа на неговата реторика дека Гоце Делчев е Бугарин. Со оваа бесрамна изјава Пендаровски им даде ветар во грб на негаторските кругови во Софија и тоа е една од неговите најголеми стратешки грешки. Едноставно Пендаровски му ги исполни влажните соништа на Андреј Ковачев и луѓето како него.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение/веб, датум: 08.03.2024]

Контраспин: Покрај вешто составениот текст на соопштението преку кое ВМРО-ДПМНЕ посредно, преку вметнување на бугарскиот политичар Андреј Ковачев, тврди дека за Стево Пендаровски Гоце Делчев бил Бугарин, партијата лиферуваше до јавноста и видео-исечок во кој преку графика, текст и монтирани, сечени изјави, партијата го засилува тврдењето од соопштението со цел да креира впечатокот за Пендаровски, како непатриот и човек што направил стратешка грешка со своите изјави во македонско бугарските односи.

Но, главниот момент од кој се гледа дека и соопштението и видеото се спинувани продукти, е всушност оригиналната изјава на Пендаровски дадена во интервју за 360 Степени во 2019 година, година, кога почнаа сериозни компликации во македонско-бугарските односи по низата постапки од Софија во врска со негирање на македонската самобитност.

Еве што кажа Пендаровски во тоа интервју во врска со оспорувањето на идентитетот на македонскиот револуционер Гоце Делчев:

Неспорна историска вистина е, за сите што имаат малку сознанија од тој историски период, дека Гоце Делчев се изјаснувал како Бугарин. Но, дали не е историска вистина, стопроцентна, дека Гоце Делчев се борел за македонска држава, автономија, независна држава, па дури и на крајот оставил аманет неговите коски да почиваат во независна Македонија. Не постои ниеден документ кој вели дека Гоце Делчев се борел за голема Бугарија или Санстефанска Бугарија, изјави или став дека се борел за припојување на тогашната провинција во Османлиското царство Македонија, кон Бугарија. Значи неспорна историска вистина е дека се изјаснувал како Бугарин, во тој историски контекст, како што е неспорнa историска вистина и факт дека се борел за македонска држававели Пендаровски во интервјуто.

Ако внимателно се анализира изјавата, ќе се види дека во нејзе Пендаровски никаде не тврди дека Гоце Делчев бил Бугарин. Таму внимателно се употребуваат зборовите дека Делчев се изјаснувал, во тој историски контекст (македонска држава во 19-ти век сè уште нема, исто како што нема ниту македонски училишта и други институции во тоа време). Истовремено, се потенцира и фактот дека не постојат историски документи дека Делчев се борел за Големо бугарско царство, туку за независна македонска држава, преку првиот чекор, автономија за Македонија во рамки на Турција.

Според тоа, емитувањето на само првиот дел од изјавата на Пендаровски од 2019 година во видеото на ВМРО-ДПМНЕ, како и манипулирањето со неговата изјава преку соопштение во кое е вметнат и бугарскиот маргинален политичар Андреј Ковачев, се спинови. Вистиномер и порано пресретнувал обиди да се манипулира оваа изјава на Пендаровски, како овој пример од социјалната мрежа Фејсбук

***

Иако обидот на политичките партии да докажат пред гласачите дека токму тие се поголеми патриоти од нивниот политички противник е анахрон и непродуктивен, затоа што патриотизмот има многу повеќе лица од удирањето во гради кој е поголем Македонец (или Албанец или Турчин, итн.), масовното производство на ситни потпикнувања преку маргинални ликови како што е Андреј Ковачев нема да помогнат да се најде, да се избере, подобар претседател или политичка партија која што може да го реши актуелниот проблем со кој се соочува С. Македонија во билатералните односи со Бугарија и во поглед на европските интеграции. Такви препукувања не им се потребни ниту на СДСМ, ниту на ВМРО-ДПМНЕ или која друга било македонска политичка партија.

 

Пишува: Теофил Блажевски