fbpx

Мртва трка меѓу партиите на Борисов и Трифунов на изборите во Бугарија, неизвесно кој ќе формира влада

-

Предвремените парламентарни избори што се одржаа во Бугарија вчера донесоа нова политичка неизвесност околу тоа кој ќе ја формира идната влада. Од затворањето на избирачките места вчера вечер, до денес наутро се води тесна битка за првото место според бројот на освоени гласови меѓу партијата ГЕРБ на Бојко Борисов и Има таков народ на Слави Трифонов. На обработени 95,22 отсто од гласачките ливчиња, партијата ГЕРБ води со 23,91 отсто освоени гласови пред партијата на Трифонов која освоила 23,66 отсто од гласовите, соопшти бугарската Централна изборна комисија, пренесува БТВ Новините.

Бугарското национално радио утрово јавува дека победникот на вчерашните избори ќе го определи гласањето во странство на дијаспората, од каде досега се пребројани 55,23 отсто од гласовите. Во странство, убедливо водство има партијата Има таков народ на Трифонов со освоени 33,26 отсто од гласовите пред партијата на етничките Турци ДПС со 19,84 отсто од гласовите и Демократска Бугарија со 18,5 отсто од гласовите на дијаспората.

Независно од тоа која од двете партии ќе освои најмногу гласови, бројот на пратенички места што ќе ги освојат, ќе биде речиси идентичен. Следствено на ова, двете партии ќе мора да бираат коалиционен партнер со помалите политички партии кои влегоа во парламентот – Бугарската социјалистичка партија, со освоени 13,63 отсто од гласовите, Демократска Бугарија, со 12,55 отсто, ДПС со 10,59 отсто и Исправи се! Мутри надвор, со 5,04 отсто. Бугарските патриоти предводени од ВМРО на Красимир Каракачанов освоија само 3,21 отсто од гласовите и не успеаја да влезат во новиот состав на парламентот.

Дневник.бг јавува дека новооформените партии Има таков народ на Трифонов, заедно со Демократска Бугарија и Исправи се! Мутри надвор повторно ќе немаат доволно пратенички мандати за да формираат влада. Досегашните резултати покажуваат дека тие би освоиле најмногу 112 од неопходните 120 пратенички мандати за да се изгласа составот на новата влада.

Слави Трифонов уште вчера вечер објави дека ќе даде изјава за јавноста денеска во 11 часот, по бугарско време. Но, уште вчера вечерта се јавија опозициските Бугарската социјалистичка партија и партијата на етничките турци ДПС, кои најавија дека нема да дадат безусловна поддршка за формирање влада на партијата на Трифонов.

Лидерот на ДПС Мустафа Карадај постави два услова – враќање на нормалноста во „политиката на демократијата“ и јасна програма за забрзан развој на земјата врз основа на приоритетите на ЕУ.

Корнелија Нинова, претседателка на бугарските социјалисти, уште вчера вечер рече дека партијата на Трифонов не може да очекува на безусловна поддршка од нив, која што претходно им ја дадоа на Има таков народ, по претходните избори на 4 април.

„Ако сакаат поддршка, ќе мора да нè поканат на разговори за да разговараме за политики“, изјави Нинова во однос на можноста за формирање на идната бугарска влада.

Бојко Борисов засега не излезе да ги коментира изборните резултати, но од неговата партија ГЕРБ рекоа дека очекуваат трите протестни партии што ќе влезат во парламентот, заедно со поддршката од ДПС или бугарските социјалисти, да ја формираат владата. Тие рекоа дека ваквите влади од типот на Орешарски или Беров завршувале со колапс во досегашната историја, посочувајќи дека постојат две опции за Бугарија – продлабочување на политичката криза или формирање на влада која ќе управува по задкулисен договор.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...