Студенти на ФЕИТ преку МЕМО практично ќе учат како функционира пазарот на струја

Photo by javier trueba on Unsplash

Факултетот за елетротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и МЕМО– Националниот оператор на пазарот на електрична енергија, потпишаа Меморандум за соработка, кој ќе им овозможи на студентите од овој факултет да стекнат практично образование и да работат на заеднички развојно истражувачки проекти поврзани со пазарот на електрична енергија.

Според деканот на ФЕИТ, Димитар Ташковски, соработката претставува можност студентите да стекнат практично искуство за функционирањето на пазарот на струја.

„Како факултет, продолжуваме со потпишување нови меморандуми кои ќе овозможат нови аспекти во студирањето на студентите и можности за професорскиот кадар. Ова е можност нашите студенти да научат како функционира пазарот на електрична енергија, како се дефинираат цените и други економски параметри. Тоа е само прв чекор во нашата соработка, која сѐ повеќе ќе се продлабочува“, рече Ташковски.

Управителот на МЕМО, Симон Шутиноски, рече дека Националниот оператор на пазарот на електрична енергија, ќе помогне при создавање и унапредување на идните кадри во областа на електро-енергетиката.

„Се отвара можност, сите заинтересирани студенти на ФЕИТ да се стекнат со практично знаење и од прва рака, да се запознаат со функционирањето на пазарот на електрична енергија во Република Северна Македонија, а во блиска иднина, и со берзата на електрична енергија, кои се во оперативна надлежност на МЕМО“, посочи Шутиновски, кој додаде дека, со продлабочување на меѓусебната соработка преку заеднички проекти од областа на електротехниката и информациските технологии, пред сè, развојно-истражувачки и други апликативни проекти, од заеднички интерес, ќе се придонесе за развој и унапредување на двете страни.

Според потпишаниот Меморандум, ќе се соработува на развојно-истражувачки проекти, соработка со експерти и професионални тимови, изработка на магистерски трудови, работа на апликативни проекти, консултативни активности, студентска пракса и разни предавања, семинари и други настани.