fbpx

Москва го обвини Пригожин за бунт, упад во канцелариите на Вагнер во Санкт Петерсбург

Снимки на независната руска телевизија „Дожд“ прикажуваат лица со полно вооружување кои се наоѓаат на улиците на Ростов-на-Дон

-

Драматична ескалација се случи изминатава ноќ во Русија, откако шефот на платеничката војска Вагнер Евгениј Пригожин повика на бунт против руската армија, иако самиот тој демантираше дека станува збор за државен удар, јавува Би-би-си. Официјален Кремљ го обвини Пригожин за вооружен бунт, откако силите на Вагнер од Украина измаршираа во Русија и во моментов контролираат клучни локации во милионскиот град Ростов-на-Дон на југот на Русија.

Рускиот претседател Владимир Путин имаше вонредно обраќање утрово од Москва, во кое повика на консолидација на руските сили, опишувајќи го она што се случува како „предавство“ и „нож во грб“ на рускиот народ.

Путин рече дека ги издал сите наредби за справување со кризата, иако во неговото телевизиско обраќање ниту еднаш не го спомена Пригожин. Сепак, претседателот изјави дека високите „амбиции“ на поединци довеле до „велепредавство“.

Путин спомена дека оние што го делат рускиот народ ќе бидат казнети и додаде дека е воспоставена состојба на антитерористички режим во Москва и неколку други руски региони.

Во своето обраќање, Путин вели дека некои Руси биле „измамени во криминална авантура“, без конкретно да ги спомене бунтовните борци на Вагнер.

Би-би-си пренесува дека предмалку руските органи за спроведување на законот влегле во главните канцеларии на Вагнер во Санкт Петерсбург со два автобуси полни со полиција и лица во цивилна облека. Луѓе со маски и автоматски пушки биле распоредени во близина на мостот Благовешченски во Санкт Петербург, каде што се наоѓаат хотел и ресторан поврзани со шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин. Овие информации доаѓаат во моментов и не можат да бидат потврдени од независни извори.

Инаку, Пригожин ја обвини руската војска дека извршила смртоносен ракетен напад врз војниците на Вагнер што се наоѓаат во Украина, нешто што руското Министерство за одбрана го негираше. Пригожин објави дека неговите сили ќе продолжат да го блокираат Ростов-на-Дон и ќе продолжат кон Москва доколку министерот за одбрана Сергеј Шојгу и генералот Валериј Герасимов не се сретнат со него.

Автопатот М4 што ги поврзува градовите Москва и Ростов е затворен на границата меѓу регионите Липецк и Воронеж, изјави гувернерот на регионот Липецк.

Руското Министерство за одбрана објави соопштение, во кое се наведува дека борците на Вагнер биле „измамени во криминалната авантура и вооружениот бунт“ од Пригожин, водачот на платеничката група.

Во соопштението пренесено од државните медиуми, Министерството за одбрана вели дека многу членови на Вагнер „веќе ја сфатиле својата грешка“ и сега бараат помош од властите за да можат „безбедно да се вратат“ во нивните постојани бази.

Сепак, на Твитер и другите социјални медиуми утрово се објавуваат драматични снимки од градот Ростов-на-Дон и тамошната зграда на Министерството за одбрана, која е опколена од силите на Вагнер. Снимки објави и независната руска телевизија „Дожд“ од лица со полно вооружување кои се наоѓаат на улиците на Ростов-на-Дон.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Промовирани новите полициски службеници, генерација 2023-2024

Денеска се одржа пригодна церемонија по повод свечената Промоција на нови полициски службеници - генерација 2023-2024 година, во Центарот за обука на МВР во Идризово, на која покрај раководството...