Младите не ја избираат наставничката професија поради високата партизација и ниските плати

Мета.мк разговараше со повеќе наставници по повод Европската недела на учителот, а во однос на проблемите со кои се соочуваат, не само додека се зад катедрата, туку и на општествено ниво

Photo by javier trueba on Unsplash

Во многу европски земји, меѓу кои и нашата, професијата наставник станува неатрактивна поради модерниот начин на живот на младите и нискиот социјален статус. Оваа професија е на листата на најнеатрактивни кај младите и студентите поради тоа што ние наставниците имаме ниски примања, има висок степен на партизација, но и голем притисок од родители за оценки.

Ова е ставот на неколкумина наставници со кои разговараше Мета.мк, по повод Европската недела на учителот (која трае од 2 до 6 октомври), како и денешниот 5 Октомври, Светскиот ден на учителот.

Со нашите соговорници поразговаравме за професијата и предизвиците со кои се соочува денешниот наставник.

„Сведочиме на загрижувачки мал број на студенти кои сонуваат да бидат учители. Иако тоа би требало како општество да не поттикне да го бараме проблемот, тоа не се случува. Ниските примања на учителите, кои за жал, им го дефинираат егзистенцијалниот статус, се показател дека несоодветно вреднуван учител го губи ентузијазмот и тој веќе не е доволен двигател на неговата енергија која води кон посветеност. И слабо платен учител би бил посветен и би горел во својата професија, ако таа професионална енергија не би му била загрозувана со еклатантни вмешувања на политиката во образованието, со дерогирање на учителските вредности со наметнување на кадровските новокомонирани професионални квалитети“, смета Елизабета Секирарска, професорка по менаџмент и маркетинг во кумановското средно училиште „Перо Наков“.

Родителите нишанат по сите основи 

Според Секирарска, поставеноста на родителите како витален субјект во учителствувањето на секој кој е зад катедрата е само уште еден параметар кој го дефинира нивото на енергијата која ќе се вложува.

„Позицијата на учителот се сведе на мета во која родителите нишанат по сите основи – во неговата некомпетентност, во неразбирањето на детето кое од дома носи дискутабилни навики и искривени вредносни системи, со кои учителот треба да се справува и притоа жив да остане, во неговиот непедагошки такт“, додава таа.

Многубројните и долготрајните импровизации во оваа сфера, без длабоки и сериозни анализи пред сè на реалните состојби, а потоа и на ефектите на било какви идни зафати, комплетно го деформираа целиот систем, смета професорката.

„Учителот не е фигура која е вклучена во креирањето на образовните политики, во решавањето на проблемите кои само се мултиплицираат, затоа што нив не можат да ги решат оние кои ги создале – да умееле, не би ги ни создале“, додава Секирарска.

Мали плати и загрозени работнички права

Томислав Гиевски, наставник по географија во основно образование, вели дека атрактивноста на професијата наставник во Европа е на различно ниво во различни земји.

„Атрактивна е во Финска, Ирска, Шведска, Норвешка, Англија, Германија. Во многу европски земји станува неатрактивна поради модерниот начин на живот на децата и нискиот социјален статус – ниската плата и загрозени работнички права. Професијата просветен работник во Македонија е на листата на најнеатрактивни кај младите и студентите заради тоа што ние наставниците имаме ниски примања, потоа, има висок степен на партизација и голем притисок од родители за оценки“, вели Гиевски.

Според него, просветниот работник во државата не е почитуван од граѓанскиот сектор и многу често е на мета поради тоа што во општеството, во останатите сфери постои стравопочит кон другите професии, што не е случај и кај просветните работници.

„За тоа е виновна партизацијата, но и ние самите. Освен тоа, платата на наставник почетник е 33.500 денари, но тоа е под републичкиот просек. Професијата просветен работник би станала атрактивна ако во одреден временски период настане целосна департизација на воситно-образовните институции, ако достоинствено се вреднува трудот на наставникот кој би добивал плата која не е пониска од републичкиот просек, потоа, модерни колективни договори со пристојни работнички права и полесен начин за трансформација на работниот однос“, смета наставникот.

Платите растат, но „ги јаде“ инфлацијата

Во образованието неколкупати досега имаше покачување на платите. Последна информација од надлежните беше дека септемвриската плата за наставниците ќе биде повисока за 15 отсто, односно за околку 4.000 денари. Со ова покачување, почетната плата на наставник ќе биде 33.500 денари. Сепак, наставници коментираат дека мора да се имаат предвид високите трошоци за живот во последниве години.

Пред неколку месеци, синдикатите и Владата преговараа и договорија регрес за годишен одмор, кој за првпат после 24 години ќе го добијат вработените во секторот образование. Беше договорено дека тој ќе изнесува 10.000 денари. Од следната година планирано е тој да изнесува најмалку 30 отсто од просечната плата.