fbpx

МИОА нема време до крајот на мандатот да ја департизира администрацијата (инфографик)

-

Владата предводена од премиерот Зоран Заев нема да има време до крајот на својот мандат да ја департизира јавната администрација. Сегашната состојба со вработувањата е слична со таа во минатото – во јавната администрација може да се вработите само ако имате книшка на партијата на власт.

– Сè е исто како и порано. Предвидени се многу мерки, но не се спроведени. Ништо не е сменето за департизација на јавната администрација, сменети се само актерите. Сите оние кои ги знам, а кои се вработени во јавната администрација, сите се вработени преку партијата, не гледам некој што е вработен без партија, такво нешто не постои – изјави за „Порталб.мк“, Зорица Стрезоска од „Евротинк“.

Таа додава дека Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) нема време да ја департизира јавната администрација, но има време да преземе други мерки.

– Нема време за департизација на јавната администрација до крај на мандатот. Нема време да се оствари сето она што е ветено, но има време за одредени чекори и да се започне на стабилен, безбеден и транспарентен начин. Да се знае кој и зошто се вработува и да се воспостават принципи за вработување, не да се вработуваат партиски послушници, туку врз основа на листа на квалификации, да се докаже дека тој/таа е вработен/а – додава Стрезоска.

На иста линија се и граѓаните. Анкета покажа дека, во споредба со 2017 година, дури и по две години не го смениле мислењето – во јавната администрација се вработуваш само со партиска книшка, а пак политичките партии ја злоупотребуваат јавната администрација.

 

Дури 73.8% од граѓаните се согласуваат дека партиската книшка „врши работа“ за вработување во јавната администрација, чиј број е зголемен за 3,1% во однос на 2017 година. За разлика од нив, само 10,4% од граѓаните велат дека не се согласуваат со таквата констатација.

Исто така, 74,2% од граѓаните велат дека политичките партии ја злоупотребуваат јавната администрација, а овој став во споредба со 2017 година е зголемен за 0,1%. За разлика од нив, само 11% од граѓаните сметаат дека партиите не ги злоупотребуваат вработените.

Во врска со ова истражување, од МИОА велат дека и покрај реформите во јавната администрација, кои се спроведени во текот на една и пол година, перцепцијата на јавноста за јавната администрација тешко се менува.

„Потврда за тоа се и податоците од анализата, кои покажуваат дека во принцип нивните ставови не се темелат на нивните лични искуства, бидејќи нивните лични искуства се позитивни. Имено, на прашањето Дали лично сте наишле на проблем при користење на услугите, за 10% е зголемен процентот на граѓани кои не се соочиле со проблем во текот на 2019 година, во споредба со 2017 година”, велат од МИОА, додавајќи дека сите овие години од страна на невладиниот сектор и медиумите, неправилно се спомнуваат термините „јавна администрација“ и „јавен сектор“.

Инаку, на сегашниот состав на владата му останува половина од редовниот мандат, односно уште 2 години, за да ги реализира ветувањата за департизација на јавната администрација, која беше и е цел на критиките дека е гнездо за вработување на партиските милитанти, кои „се вдомуваат“ во замена за нивните партиски активности. За ова слушавме и во „бомбите“ објавени од СДСМ во 2015 година, кога можеше да се слушне како функционери ги организираат вработените во администрацијата да излегуваат на протести, но исто така и да гласаат.

Во извештаите на Европската Комисија, постојано се нагласува потребата да се запре со партиските вработувања, односно вработување без соодветни критериуми за прием. Ова е еден од главните услови за Северна Македонија да ги започне преговорите за членство во ЕУ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со автоматска пушка влегол во казино во Лешок и украл над 300.000 денари

Наредба за истражна постапка против 28-годишен жител на селото Непроштено, Општина Теарце, кој е осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка, донесе Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово. Во...