fbpx

Македонска пошта не ги доставува податоците за вработените до Регистарот, Владата никогаш не реагирала

Порталб.мк, разговараше со претставниците на МИОА кои го изготвуваат Регистарот на вработените во јавниот сектор околу тоа зошто во регистарот нема податоци за вработените во Поштата на Северна Македонија. Од таму изјавија дека институцијата не ги доставила овие податоци

-

Поштата на Северна Македонија ниту една година не доставила податоци за своите вработени до Министерството за информатичко општество и администрација. Ова министерство е должно да го објави Регистарот на вработените во јавниот сектор, во кој секоја година се објавуваат податоците за бројот на вработени лица во институциите, нивната етничка припадност, половата застапеност и други карактеристики, пишува Порталб.мк.

Во Регистарот на вработените во јавниот сектор од 2016 година секоја година се прикажуваат податоците и другите карактеристики на институциите со цел поквалитетно управување со човечките ресурси. Во Регистарот сега ги има само податоците за вработените во Агенцијата за пошти, која низ годините броела не повеќе од 20 вработени.

Порталб.мк, разговараше со претставниците на Министерството за информатичко општество и администрација кои го изготвуваат Регистарот на вработените во јавниот сектор околу тоа зошто во регистарот нема податоци за вработените во Поштата на Северна Македонија. Од таму изјавија дека Поштата не ги доставила овие податоци.

„Ние ги побаравме од нив, но не ни го доставија. За ова ја алармиравме Владата“, велат од Министерството за информатичко општество и администрација за Порталб.мк.

Порталб.мк. достави прашања и до Поштата и до Владата околу тоа зошто не се доставени податоците за вработените, но до објавувањето на овој текст не добивме одговор.

На веб-страната на Поштата може да се види дека има само еден список со неколку податоци за вработените во институцијата. Списокот е од 2021 година, а го содржи името и презимето на вработените, но и функцијата што ја вршат. Исто така, за дел од вработените имаат телефонски броеви е-маил адреса за контакт.

Меѓутоа, Регистарот бара многу повеќе од овие податоци.

Кои податоци за вработените ги содржи Регистарот?

Регистарот функционира врз основа на Законот за вработените во јавниот сектор и врз основа на Правилникот за формата и содржината на регистарот на вработените во јавниот сектор, начинот на неговото водење, начинот на пристап, користење, обработка на податоците, како и начинот на обезбедување одговорност за веродостојноста и безбедноста на податоците.

Правилник за формата и содржината на регистарот на вработените во јавниот сектор, начинот на неговото водење, начинот на пристап, користење, обработка на податоците, како и начинот на обезбедување одговорност за веродостојноста у безбедноста на податоците од Порталб.мк

Регистарот е електронска база на податоци за вработените во јавниот сектор, а пристап до него имаат вработените во организациските единици за управување со човечките ресурси во сите институции од јавниот сектор, по претходно добиено овластување од службеното лице кое ја води институцијата.

Секоја година, министерот за информатичко општество и администрација одржува прес-конференција на која се објавуваат и презентираат податоците на Регистарот од претходната година и кои ги прикажуваат состојбите во јавниот сектор. Институциите мора да обезбедат низа податоци за своите вработени, но во регистарот се објавуваат само оние кои се дозволени според важечките закони за заштита на личните податоци.

Имено, бројот, видот, називот, гранката на власта, дејноста и основачот – на институциите од јавниот сектор, а за вработените само број, група, подгрупа, категорија, ниво, звање, работно место, пол, возраст, степен на образование и припадност на заедницата. Последниот извештај, тој за 2022 година може да го најдете ТУКА, а извештајот за 2023 година треба да биде објавен до крајот на месец март.

Но, според Законот, институциите мора да достават многу повеќе податоци од она што е објавено во годишниот извештај. Имено, Регистарот ги содржи следните податоци за вработените и институциите:

– единствен личен идентификатор;
– единствен матичен број на граѓанинот (ЕМБГ);
– пол;
– датум на раѓање;
– место на раѓање;
– држава на раѓање;
– припадност на заедница;
– адреса на живеење;
– место на живеење;
– општина на живеење;
– службена електронска пошта и контакт телефон;
– инвалидност (да/не);
– категорија на инвалидност;
– ниво на квалификации (број на кредити според ЕКТС, ЕЦВЕТ или МКСОО, односно степен на образование);
– образовна институција и насока;
– работни компетенции: општи и посебни;
– назив на институцијата во која е вработен;
– шифра на работно место;
– звање и/или назив на работно место;
– организациона единица во која е вработен;
– основ и датум на пријава;
– вид на вработување (определно/неопределено, полно/скратено работно време);
– податоци за претходните вработување (датум на пријава и одјава и институција);
– податоци за обуки (посетени/спроведени);
– податоци за менторство (ментор/лице под менторство);
– податоци за дисциплинската и материјална одговорност;
– податоци за оценувањето на вработениот за претходните три години;
– податоци за мобилноста на вработениот; и
– податоци за висината на платата и на надоместоците од плата.

Меѓутоа, и во законот и во правилникот не се предвидени казнени мерки во случај некоја институција да не ги достави овие податоци. Законските одредби го земаат здраво за готово доставувањето на податоците од институциите. Законот во еден член го прави министерот одговорен за прашањето на управувањето и другите аспекти, но не содржи казнени одредби дури ни за него.

Закон за вработените во јавниот сектор од Порталб.мк

„Формата и содржината на регистарот на вработените во јавниот сектор, начинот на неговото водење, начинот на пристап, користење, обработка на податоците, како и начинот на обезбедување одговорност за веродостојноста и безбедноста на податоците ги утврдува министерот за информатичко општество и администрација“, се наведува во став 8 од член 18 од Законот за вработените во јавниот сектор, во кој што еден посебен дел е посветен на Регистарот на вработените во јавниот сектор.

Од 2014 година до денес, на чело на Министерството за информатичко општество и администрација имало 6 министри, а толку имало и директори на чело на Поштата на Северна Македонија, но ниту министрите ниту директорите не се погрижиле Поштата да ги достави податоците за потребите на Електронскиот регистар.

Инаку, Порталб.мк на 4 февруари ексклузивно ја објави физибилити студијата на Поштата на Северна Македонија, направена во 2021 година, за која што државата платила околу 800.000 евра. Според студијата, главни проблеми на оваа институција се лошата организација и управување, недостигот на дигитализација, мануелната работа и човечките грешки во финансиските извештаи, немањето единствен систем на работа. Еден од највознемирувачките проблеми на Поштата на Северна Македонија е тоа што вработените не се појавуваат на работа и за нив не се одредени санкции. Овој проблем повеќе се појавува во изборни периоди кога се занемаруваат поштенските потреби.

Според студијата, од 2012 до 2019 година, бројот на вработени во Поштата на Северна Македонија континуирано се зголемувал, за разлика од другите земји како Хрватска, Полска, Унгарија, Романија. Податоците обезбедени од Порталб.мк покажуваат дека во 2019 година Поштата на Северна Македонија имала вкупно 2.092 вработени, а во 2023 година имало 1.814 вработени.

Што се однесува до бројот на поштари во Поштата на Северна Македонија, во 2019 година имало 752, а во 2023 година 725.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...