fbpx

Во Пошта вработени земаат плата, а не одат на работа, покажува физибилити студија

Еден од највознемирувачките проблеми на Поштата на Северна Македонија е тоа што вработените не се појавуваат на работа и за нив не се одредени санкции. Овој проблем повеќе се појавува во изборни периоди кога се занемаруваат поштенските потреби

-

Лоша организација и менаџирање на Поштата низ целата територија на Северна Македонија, недостиг од дигитализација, мануелна работа и човечки грешки во финансиските извештаи, отсуство на единствен систем на работа и неодговорни работници кои не одат на работа. Овие скандалозни наоди се само дел од проблемите опишани во Физибилити студијата на Поштата на Северна Македонија спроведена во 2021 година, за која државата платила околу 800.000 евра, пишува Порталб.мк.

Поштата на Северна Македонија, која е во државна сопственост, со години работи со загуба. Поради тешкотиите, Владата во 2020 година година отвори расправа за нејзина приватизација и ангажираше компанија да спроведе физибилити студија за работата на институцијата. За оваа студија поранешниот секретар на Владата на Северна Македонија, Мухамед Зекири, беше обвинет и осуден на две години и шест месеци затвор за злоупотреба на службената положба и овластување, поради тоа што потпишал договор без да ја испочитува постапката за јавна набавка.

Што содржи физибилити студијата?

Порталб.мк врз основа на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер испрати барање за анализа на студијата што е на располагање на Владата и на Поштата. Од двете страни ни беше овозможен пристап до физибилити студијата, но не ни беше дозволено да добиеме копија од студијата бидејќи таа не беше во дигитализирана форма, а Поштата имаше само еден примерок од неа.

Физибилити студијата е документ кој ја анализира состојбата во оваа институција и е направена во периодот од мај до ноември 2021 година од страна на компанијата „Интерфајненс“ од Загреб и компанијата „Интерхолдинг“ од Северна Македонија. Беше спроведена во периодот кога директор на Поштата беше Јани Макрадули и се однесува на периодот од 2012 до 2020 година. Во овој период со Поштата раководеа Рафиз Алити, Гоце Боболиноски, Фадис Реџепи, Ејуп Рустеми и Јани Макрадули.

Во неможност да се добие копија од студијата за да ја анализираме студијата, Порталб.мк фотографираше околу 500 страници од студијата и ги организираше во еден документ кој ексклузивно можете да го прочитате во продолжение.

Според студијата, на Поштата и недостига организација на работата и ефикасно управување. Раководителите на поштенските единици не ги исполнуваат своите овластувања да ангажираат работници со пониски чинови, а поштенските единици функционираат како независни единици и својата работа ја вршат на различни начини, а не со одреден систем, па  така секој град работи со различни практики.

Тие ги подготвуваат своите извештаи за работа на различни начини, а потоа треба да се анализираат еден по еден, тоа ја зголемува можноста за грешки што беше потврдено во ревизорскиот извештај за 2020 година, каде што е наведено дека некои делови во финансиските извештаи не се правилно проценети.

„Внесувањето на податоците и нивното толкување за изработка на извештаите на Поштата е поддржано од компјутерски програми, функционалноста на податоците не е меѓусебно поврзана, така што има простор за манипулација во форма на истовремено внесување податоци“, вели студијата на Поштата.

Во однос на организацијата на поштенската работа, се заклучува дека има низок надзор на работењето и контрола на резултатите, ниска ефикасност поради дотраената физичка инфраструктура и низок степен на дигитализација, дуплирање на работните задачи и работа во неформален систем.

Еден од највознемирувачките проблеми на Поштата на Северна Македонија е тоа што вработените не се појавуваат на работа и за нив не се одредени санкции. Овој проблем повеќе се појавува во изборни периоди кога се занемаруваат поштенските потреби.

„Вториот проблем кој постојано се нагласува е тој со отсуствата на работното место, што не се контролира, односно не се врши регистрација и анализа, додека мерките за санкционирање се или ниски или непостоечки. Ваквата ситуација создава големо незадоволство, односно проактивно ја нарушува работната атмосфера поради недостаток на механизми за наградување и шеми за вонредни компензации поврзани со целокупното работење“, се наведува во физибилити студијата.

Според студијата, од 2012 до 2019 година, бројот на вработени во Поштата на Северна Македонија континуирано се зголемува, за разлика од другите земји како Хрватска, Полска, Унгарија, Романија. Во 2019 година имала вкупно 2092 вработени, додека во 2023 година 1814 вработени. Што се однесува до бројот на поштари, во 2019 година имало 752, а во 2023 година 725.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...